НЕКОЛКУ СТРАНСКИ МЕДИУМИ ГИ ПРЕКРШИЛЕ ПРОТОКОЛИТЕ ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД ПОГРЕБОТ Апел да се почитуваат приватноста и достоинството на семејствата
Најголем дел од медиумите не емитуваат и не шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање, апелираше македонската влада.
Здружението на новинари на Македонија објави список од неколку странски медиуми за кои вели дека го прекршиле етичкото известување кога известувале од денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Меѓу нив е и Си-ен-ен Њуз 18, како и неколку српски медиуми.
„Несоодветен воајеризам не е новинарство. Ја повикуваме Европската федерација на новинари да ги поттикне сите медиумски професионалци, особено странските дописници, да ја почитуваат приватноста и достоинството на ожалостените семејства. Не пренесувајте погреби во живо. Не користете експлицитни и неприфатливи фотографии. Ова е јасно кршење на етичкото новинарство – не му служи на јавниот интерес, туку само ја продлабочува болката на засегнатите“, објави ЗНМ на својот профил на Фејсбук и наведе неколку странски медиуми за кои наведува дека ги прекршиле протоколите за известување.
Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) го опомена порталот Republika.rs и останатите претставници на странски дописници, да ја почитуваат приватноста на семејствата на жртвите и да не објавуваат фотографии и видеа кои вознемируваат.
„Порталот Република.рс грубо ги крши сите новинарски стандарди за известување од погребот во Кочани“, соопшти НУНС.
„Би сакале да истакнеме дека Кодексот на новинарите на Србија експлицитно забранува известување за погреби на приватни лица и дека новинарите се должни да ја почитуваат приватноста, достоинството и интегритетот на луѓето и да ги заштитат нивните права. Известувањето за погреби и објавувањето фотографии не е во јавен интерес“, се наведува во реакцијата на НУНС.
Во текот на денот се огласи и македонската Влада, која апелираше до медиумските екипи кои присуствуваа на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар да се придржуваат до етичките принципи.
„Најголем дел од медиумите не емитуваат и не шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање.
Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да биде мета на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа. Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите.
Во исто време им се заблагодаруваме на медиумите кои известуваа професионално и ги почитуваа препораките за известување од погребот на жртвите од трагичниот настан“, се наведува во соопштението од Владата.