НЕ УДИРА ВМРО-ДПМНЕ ПО НИКОГО, СТУДЕНТИТЕ САМИ ГО ЗАТВОРИЈА РАДИОТО „Апасиев се изрезили во обид да стане видлив пред студентите“
Младината природно се модернизира и се прилагодува на модерните начини на јавно информирање, реагираше пратеникот Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од пратеникот Димитар Апасиев дека ВМРО-ДПМНЕ удрила по младите и го затворила единственото студентско радио на УКИМ
Левица како партија нема контакт со млади, затоа нон – стоп се во офсајди, реагираше пратеникот Сергеј Попов на објавата на претседателот на Левица, Димитар Апасиев дека ВМРО-ДПМНЕ удрила по младите и го затворила единственото студентско радио на УКИМ!
„Професорот во обид да добие визибилност кај студентите и младите се изрезили. Не удира ВМРО-ДПМНЕ по никого, туку младината природно се модернизира и се прилагодува на модерните начини на јавно информирање. Наместо да летате од тема на тема, за колку да ве има со некаква критика во јавност, пробајте малце и суштина да вметнете“, објави пратеникот и претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов на Фејсбук.
Апасиев на Фејсбук го објави решението за затворање на радиото објавено во Службен весник.
„Кој се плаши од слободната и прогресивна критична мисла? Освен тоа, јас сум еден од основачите и првите уредници на истово радио пред повеќе од една деценија. Немале пари, кутрите, да го ‘сервисираат’. Мицко се плаши од младата прогресивна сила, па тргна во затворање на студентското радио уште на почетокот од мандатот“, напиша Апасиев на својот фејсбук-профил.
Студентите велат дека одлуката за затворање на радиото ја донеле на седница на Универзитетското студентско собрание. Побарале „пренамена на универзитетското радио Студент ФМ 92,9 согласно потребите на новото технолошко доба и незадоволителниот опсег на слушаност“.
Во тек е процедура за формирање на универзитетски комуникациски центар на УКИМ кој ќе опфаќа годишна програма составена од студентски емисии, студентски гласник, академски приказни, промотивни кампањи итн.
Студентот Александар Ристоски побара Апасиев да не ги вмешува студентите во политиката.
„Обично не се мешам во политика, но знаејќи дека ова дојде од иницијатива на УСС УКИМ минатата година (за време на мојот мандат како делегат од ФИНКИ), должен сум да ја објаснам вистината. Радиото на УКИМ беше слушано од најверојатно ниеден студент. Радиото како медиум не е толку слушано и живееме во друго време каде што социјалните мрежи се медиумот. Целта е истите средства од тоа радио да бидат пренаменети во мултимедијален систем на УКИМ, којшто ќе биде модерен и ќе допира до својата публика. Ниту ВМРО, ниту ниедна партија. Студентите го избравме по логика на денешницата. Жал ми е што сме замешани во политика без никакво истражување на темата од ваша страна професоре Димитар Апасиев. Студентите се млади луѓе кои мнозинството не сме политички определени и сакаме да останеме надвор од овие игри“, напиша студентот Александар Ристоски на Фејсбук.