📽️ НЕ БЕШЕ ЗЕМЈОТРЕС, ТУКУ МЕТЕОР НАД МАСАЧУСЕТС Експлозија на небото вознемири жители на две сојузни држави

Метеор што летал со брзина од околу 120.000 километри на час се распаднал над Масачусетс, предизвикувајќи силен тресок и потреси што ги вознемириле жителите на целиот регион.

0

Жителите на американската држава Масачусетс во саботата попладне слушнале силен тресок и почувствувале тресење на земјата, поради што многумина помислиле дека станува збор за земјотрес.

Но, причината била сосема поинаква.






НАСА соопшти дека над североисточниот дел на Масачусетс и југоисточен Њу Хемпшир се распаднал особено светол метеор.

Експлозија како 300 тони ТНТ

Според проценките на НАСА, метеорот се движел со брзина од околу 120.000 километри на час. При распаѓањето ослободил енергија споредлива со експлозија на околу 300 тони ТНТ.

Метеорот се распаднал на височина од околу 64 километри над Земјата.

Од НАСА нагласија дека не станува збор за дел од метеорски дожд, ниту за вселенски отпад или сателит што влегол во атмосферата.

 

Граѓаните пријавувале силен тресок

Службите за вонредни состојби во Масачусетс добиле бројни повици од граѓани кои пријавувале силен тресок и потреси.

Сепак, не биле регистрирани повредени лица, ниту потреба од интервенција на полицијата или пожарникарите.

Нема земјотрес

Американскиот геолошки завод (УСГС) соопшти дека не е регистриран земјотрес.

Според нив, станува збор за звучен бум предизвикан од болид, термин што се користи за исклучително светли метеори кои експлодираат во атмосферата.

Институцијата додаде дека нема докази оти некој дел од објектот паднал на земјата.

Поврзани содржини