КАДЕ Е РОБЕРТ БЛАЖЕВСКИ? Човекот кого мултипла склерозата го претвори во жива статуа, живее живот кој не би му го посакале никому
Човекот за кого пишувавме пред речиси 2 години, иако сакаше, не можеше да дојде на одбележувањето на Светскиот ден на МС. Роберт Блажевски, тукушто наполни 51 година. Комплетно неподвижен, тој е човек со сѐ уште ведар дух заробен во неговото тело. Единственото нешто што сѐ уште може да го прави сам е - дишењето. И зборувањето - но и тоа е сѐ потивко и потивко.
Мултипла склерозата (МС) е хронична, воспалителна, неизлечива болест на централниот нервен систем која најчесто ги погодува младите возрасни лица. Со мултипла склероза, или како што уште се нарекува „болест со илјада лица“, во Македонија во моментов живеат околу 2 300 дијагностицирани пациенти.
Ова беше соопштено на прес-конференцијата на Националното здружение за мултипла склероза одржана по повод Светскиот ден на мултипла склерозата кој инаку се одбележува на 30 мај. На прес-конференцијата беа соопштени повеќе новости кои значат надеж за сите пациенти на кои им е дијагностицирана оваа болест, надеж дека ќе биде спречена или забавена нејзината прогресија и инвалидитетот кој некогаш оди со неа.
Но што е со оние кај кои болеста веќе зела таков замав што од нив веќе сите кренале раце, а тие се сѐ уште тука некаде, осамени и цврсто затворени во своето тело кое самите не можат да го мрднат ниту милиметар.
Еден од нив е нашиот пријател Роберт Блажевски за кој пишувавме на нашите портали пред речиси две години. Повеќе за него прочитајте ТУКА.
Во периодот кога го правевме интервјуто, Роберт имаше 49 години и веќе три години живееше во Дом за стари лица, опкружен со луѓе кои можат да му бидат родители. Единствена светла точка му беа повремените прошетки на кои го водеше неговиот пријател Игор Поповски, со кој се запознал додека Игор работел во Црвен Крст, во службата Итно копче, па еден од луѓето за кои се грижел бил и Роберт.
Болеста кај него толку напреднала што откако му ги одзела прво нозете, а потоа десната, па левата рака и целото тело, сега се обидува да му го земе и последното – неговиот глас, единственото нешто со кое може да побара помош од луѓето.
Мускулите на нозете му се речиси атрофирани затоа што единственото нешто што колку толку му помага, вежбањето со физиотерапевт, е ограничено на толку колку што е тоа возможно во рамките на институцијата во која е сместен.
И за да не се разбереме погрешно, не е проблемот во институцијата, тие имаат поинаква намена за која доволно кажува и самиот назив – Центар за палијативна нега, но не е виновен ниту Роберт кој, сакал или не, е сѐ уште жив, свесен и разумен.
Тој е само беспомошен и изневерен од сопственото вкочането тело кое од ден на ден сѐ повеќе го заробува сѐ додека не му ја одземе и можноста да зборува и да дише. Сега го може само уште тоа… сѐ потивко и потивко.