ПИРИНСКИОТ ЦАР ПАДНА, НО НЕ И ИДЕЈАТА ЗА МАКЕДОНИЈА Сандански беше револуционер, стратег и симбол
Јане Сандански беше убиен на 22 април 1915 година кај Роженскиот манастир. Неговото дело остана темел на македонската револуционерна мисла.
Кога падна кај Роженскиот манастир, Јане Сандански не ја однесе идејата со себе – ја остави како завет за идните генерации.
На 22 април 1915 година, на пат од Мелник кон Неврокоп, Пиринскиот цар бил убиен во заседа кај месноста Блатата. Смртта била подмолна. Телото било пронајдено од караван и пренесено во Роженскиот манастир.
Роден е во селото Влахи, во Пиринскиот дел на Македонија. Потекнува од семејство што рано ја почувствувало тежината на историјата.
По Руско-турската војна, семејството било принудено да се исели. Се населиле во Горна Џумаја, а потоа во Дупница. Таму Сандански го минал детството.
Учел, работел како чирак и помагал во полето. Но, околностите го оттурнале кон револуцијата.
Средбата со Делчев, пресврт што го дефинира патот
Во 1899 година, преку Никола Малешевски, се сретнал со Гоце Делчев. Таа средба го одредила неговиот животен правец.
Се приклучил на Внатрешната македонска револуционерна организација. Почнал да гради мрежа, да организира луѓе и да дејствува.
Чети, акции и аферата „Мис Стон“
Во 1901 година, со мала чета Сандански започнал активности на терен. Истата година, учествувал во познатата акција со киднапирањето на протестантската мисионерка Мис Стон.
Акцијата траела 6 месеци. Завршила со откуп. Средствата биле насочени кон револуционерната борба.
Сандански се издигнал како водач. И како стратег.
Борби, поделби и судири во движењето
По Илинденското востание, Организацијата се поделила. Се судриле различни визии.
Сандански ја предводел борбата против врховистите. Во Пиринскиот регион бил клучна фигура. Судирите биле крвави.
Во 1907 година, по негова наредба, биле ликвидирани Борис Сарафов и Иван Гарванов. Тоа дополнително ја продлабочило кризата.
Младотурската револуција и политичка трансформација
Во 1908 година, со Младотурската револуција, Сандански се легализирал. Влегол во Неврокоп и одржал говор пред околу 15.000 луѓе.
Потоа пристигнал во Солун. а железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј, а на 18 јули 1908 година, Јане Сандански излегол со познатиот Манифест до сите народности во Империјата.
Тоа бил момент кога од револуционер станал и политички фактор.
Во 1912 година, со своите луѓе го ослободил Мелник. Делувал со селската милиција.Подоцна, неговите четници влегле и во Солун пред главните воени сили. Тоа бил врв на неговото влијание.
Разочарување, заговор и враќање во сенка
По Балканските војни, Сандански се вклучил во политиката во Бугарија. Но ситуацијата се влошила.
Во 1914 година, се обидел да организира отпор против политиката на царот Фердинанд. Заговорот пропаднал.
Разочаран, се повлекол. Се вратил во својот манастир кај Мелник.
Кај месноста Блатата следна година била поставена заседа. Погребан е во близина на Роженскиот манастир. Неговите останки се чуваат таму и денес.
Идејата за Македонија, за која се борел, продолжила да живее.