„НА ПОЛСКА БИ Ѝ СЕ ДОПАДНАЛО ТОА“ Трамп најави дека може да премести војници од Германија во Полска

Имаме одлични односи со Полска. Имам одлични односи со претседателот. Многу го ценам, па затоа е можно да преместам таму американски војници, вели американскиот претседател Доналд Трамп.

88

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да премести американски војници од Германија во Полска.

– На Полска би ѝ се допаднало тоа. Имаме одлични односи со Полска. Имам одлични односи со претседателот. Многу го ценам, па затоа е можно – им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за можноста.

Пентагон претходно овој месец потврди дека САД ќе повлечат 5.000 војници од воените бази во Германија, спроведувајќи ја заканата што Трамп ја упати по судирот со германскиот канцелар Фридрих Мерц околу војната со Иран. Трамп потоа предупреди дека Пентагон би можел „да го намали бројот на војници за многу повеќе од 5.000“.

Полскиот претседател Карол Навроцки изјави во средата дека Полска е подготвена да ги прифати американските војници повлечени од Германија и дека тој лично ќе лобира кај Трамп да ги испрати во Источна Европа.

Полскиот премиер Доналд Туск, пак, во понеделникот предупреди дека Варшава не треба да „киднапира“ војници од своите сојузници.

Полскиот министер за одбрана и лидер на конзервативната Полска народна партија Владислав Косиниак-Камиш денеска ги поздрави изјавите на Трамп.

„Полско-американскиот сојуз е темел на нашата безбедност. Полска е подготвена да прифати повеќе американски војници со цел да го зајакне источното крило на НАТО и да обезбеди уште подобра заштита на Европа“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Поврзани содржини