НАЈМАЛКУ 10 МРТВИ, ДЕСЕТИЦИ РАНЕТИ ВО ЖЕСТОКИ РУСКИ НАПАДИ ВРЗ УКРАИНА Речиси 500 дронови истрелани рано изутринава
Русија сака да ја уништи украинската економија и да го скрши нашиот отпо, напиша Зеленски на Телеграм.
Најмалку девет лица загинаа, а десетици се ранети во серијата жестоки руски воздушни напади врз неколку украински области, во кои се оштетени станбени згради и критична инфраструктура, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија загрижувачки ја пренесува војната кон економијата со истрелување на речиси 500 дронови од раните утрински часови.
Бројот на цивилните жртви во Украина нагло се зголеми во последните два месеца поради засилените руски напади врз електроцентралите и другата инфраструктура. Од своја страна, Украина изведува напади врз енергетски објекти и магацини во оддалечените области на Русија, а двете страни напаѓаат и бродски пловни објекти.
„Москва ја пренесува војната од фронтот, каде што не постигнува успех, кон економијата, уништувајќи објекти што му помагаат на населението да се справи со воените услови. Русија сака да ја уништи украинската економија и да го скрши нашиот отпор“, напиша Зеленски на Телеграм.
Според податоците од локалните власти, нападите предизвикале жртви во повеќе региони:
Во Краматорск, еден од утврдените градови во близина на фронтот, загинаа три лица, а четири беа ранети во три последователни напади врз цивилни автомобили.
Во градот Звјахел (Житомирска Област), загинаа две лица при напад врз продавница за храна, а беа погодени и две бензински станици и претпријатие со странски капитал.
Во Запорошката Област загинаа две лица, а 11 беа ранети.
Во Криви Рог, во ноќните напади со дронови и ракети, загинаа две лица.
Во Одеса, во нападите што траеле од ноќта до доцните вечерни часови, беа ранети речиси 40 лица.
Истовремено, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили го погодиле металуршкиот комбинат „Запорожстал“ во Запорожје, комплексот „Интерпејп стил“ во Днепар, како и неколку претпријатија и товарни бродови во пристаништата во Одеса и Черноморск.
Од друга страна, украинските вооружени сили потврдија дека го нападнале комбинатот „Тољатикаучук“ во градот Тољати (Самарска Област), еден од најголемите руски производители на синтетичка гума и адитиви за ракетно гориво, при што избувнал пожар. Градоначалникот на Тољати, Илја Сухих, и гувернерот Вјачеслав Федоришчев потврдија дека имало напади со дронови врз индустриски објекти и штети на станбени згради.
Нападите имаа реперкусии и надвор од Украина. Во соседна Молдавија властите привремено го затворија воздушниот простор на речиси еден час и затворија седум гранични премини откако беше забележан руски дрон во близина на границата.
Од Москва назначениот раководител на окупираните делови од Доњецката Област соопшти дека три лица загинале во украински напади со дронови.