„МИСЛЕВ ДЕКА ТЕЛЕФОНСКИОТ БРОЈ НА НОВИНАРОТ ПРИПАЃА НА НЕКОЈ ДРУГ“ Волц презеде одговорност за безбедносниот скандал во Белата куќа

Претходно Белата куќа потврди дека главниот уредник на списанието Атлантик по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери посветени на нападите врз јеменските Хути.

461

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Мајк Волц, кој стои зад спектакуларната безбедносна грешка поврзана со американските напади во Јемен, синоќа изјави дека ја презема одговорноста откако новинар се нашол во групата што тој ја создал на мрежата Сигнал.

– Ја преземам целосната одговорност. Јас ја создадов таа група – изјави Мајк Волц на Фокс њуз, во првото интервју откако беше откриено дека новинарот по грешка бил ставен во групен разговор со високи функционери каде што се споделувале информации за нападот врз Хутите во Јемен.






Волц сугерираше дека можеби имал снимен телефонски број на новинарот за кој мислел дека му припаѓа на некој друг.

– Ги имаме најдобрите технички тимови кои се обидуваат да дознаат како тоа можело да се случи. Не го познавам тој тип, го познавам само по неговата репутација и тоа е страшно… но не му пишувам – нагласи тој.

Канцеларијата за односи со јавноста на Белата куќа преку соопштение го осуди „координираниот обид да се одвлече вниманието од успешните неодамнешни американски напади врз Хутите во Јемен.

Претходно Белата куќа потврди дека главниот уредник на списанието Атлантик по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери посветени на нападите врз јеменските Хути.

Несомнено се смета за еден од најсериозните безбедносни неуспеси во поновата американска воена историја.

Новинарот Џефри Голдберг во понеделникот во подолга статија откри дека однапред, преку апликацијата за пораки Сигнал, добил детален план за нападот на американската војска на 15 март против оваа група бунтовници во Јемен.

Голдберг објаснува дека во тој групен разговор учествувале вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, шефот на дипломатијата Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на ЦИА Џон Ретклиф и секретарот за одбрана Пит Хегсет.

Белата куќа вчера соопшти дека нема протечени доверливи информации кога планот за напад на Хутите во Јемен по грешка бил споделен со американски новинар.

Во вчерашниот телефонски разговор со Ен-Би-Си претседателот Доналд Трамп рече дека вклучувањето на новинарите во доверлива група за дискусија е „грешка“ која на крајот „не била сериозна“, додавајќи дека Мајк Волц ја „научил лекцијата“ од оваа грешка.

Поврзани содржини