МИЦКОСКИ НА 105-ГОДИШНИНАТА ОД УБИСТВОТО НА ЃОЧЕ ПЕТРОВ Македонија има потреба од самодоверба, доста бевме „Македончиња“ време е да бидеме Македонци
Патриотизмот, рече Мицкоски, денес не се мери со големи зборови, туку со резултати, нови инвестиции, секое ново работно место, со реформи кои ја прават државата поорганизирана, посилна и поуспешна, и како што вели тој, со способноста да се создадат институции во кои граѓани ќе имаат доверба и држава што ќе биде стабилна, економски силна и почитувана.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на настан по повод 1о5 годишнината од убиството на Ѓорче Петров, рече дека неговото дело и идеалите за слободна и достоинствена Македонија остануваат трајна инспирација, а денешниот патриотизам треба да се докажува преку развој, силни институции и подобар живот за граѓаните.
-Денес, кога оддаваме почит на неговиот лик и дело, не се поклонуваме само пред човек кој го вгради својот живот во темелите на историската ВМРО, туку и пред една идеја која останува жива повеќе од еден век. Идејата дека Македонија има право на своја иднина, дека македонскиот народ има право на достоинство, дека слободата има цена, а таа цена секогаш ја плаќаат најхрабрите, најчесните и најпосветените луѓе на своето време-рече Мицкоски.
Ѓорче Петров преку своето капитално дело ,,Материјали по изучувањето на Македонија“, рече Мицкоски, покажал дека љубовта кон татковината се изразува и преку знаење, истражување и зачувување на историјата и идентитетот, и додаде дека историјата има вредност само ако се применат нејзините поуки за иднината.
-Во исто време, Ѓорче Петров бил човек на книгата, на науката и на знаењето. Неговото капитално дело „Материјали по изучувањето на Македонија“, претставува сведоштво дека љубовта кон татковината не се покажува само со револуционерна борба, туку и преку истражување, преку разбирање на сопствениот народ, преку грижа за неговата историја, култура, географија и идентитет. Тој верувал дека народ кој не се познава себеси тешко може да ја обликува својата иднина, а народ кој ја познава својата историја никогаш не дозволува некој друг да му ја пишува- нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека историјата има вредност само тогаш кога знаеме да ги препознаеме поуките што ни ги остава.
– Ако денес зборуваме само за минатото, а не научиме ништо за иднината, тогаш не сме ја исполниле нашата должност кон оние што ја создавале оваа држава- рече тој.
Според Мицкоски, денешната генерација има обврска да изгради силна и просперитетна Македонија, со развој, силни институции, еднаква правда и можности засновани на труд.
-Нашата генерација нема задача да создава револуционерни организации и да води ослободителни борби како неговата генерација. Нашата задача е да изградиме држава која ќе биде достојна за нивната жртва. Да изградиме Македонија во која младите ќе сакаат да останат. Македонија во која ќе се отвораат нови фабрики, ќе се градат нови патишта, железници, училишта и болници. Македонија во која институциите ќе бидат силни, правдата ќе биде еднаква за сите, а успехот ќе зависи од трудот, а не од привилегираните- рече Мицкоски.
Патриотизмот, рече Мицкоски, денес не се мери со големи зборови, туку со резултати, нови инвестиции, секое ново работно место, со реформи кои ја прават државата поорганизирана, посилна и поуспешна, и како што вели тој, со способноста да се создадат институции во кои граѓани ќе имаат доверба и држава што ќе биде стабилна, економски силна и почитувана.
-Токму затоа нашата борба денес е борба за развој. Борба за силна економија, за нови инвестиции, за подобри плати, за модерно образование, за здравство што ќе биде достапно и квалитетно, за владеење на правото, против корупцијата борба. Борба за Македонија која ќе биде држава на можности, а не држава на изгубени шанси. Тоа е современиот патриотизам- заклучи Мицкоски.
Мицкоски рече дека животот на Петров потсетува дека Македонија секогаш била најсилна кога Македонците биле обединети околу своите национални интереси.
– Затоа денес повеќе од кога било имаме обврска да разговараме повеќе, да се почитуваме повеќе и кога станува збор за националните интереси да покажеме зрелост, достоинство и чувство за заедничка одговорност. Македонија има потреба од самодоверба, доста бевме „Македончиња“, треба да бидеме Македонци. Има потреба од народ што верува во своите способности. Има потреба од институции што работат, економија што создава вредност, образование што создава знаење а не просечност- рече Мицкоски.
Тој додаде дека токму тоа е суштината на делото на Ѓорче Петров.
– Да се сака Македонија доволно силно за секој ден да се работи на нејзиниот напредок, да се биде мудар и чесен, истраен кога изгледа дека целта е далеку – рече Мицкоски на одбележувањето на годишнината од убиството на Ѓорче Петров што се одржа во скопската општината што го носи неговото име.