Македонски парадокс: Франкенштајн на бродот на Тезеј

Македонија тивко но сигурно ќе се трансформира во македонски парадокс за исчезнувањето, многу сличен на оној на бродот на Тезеј но и на други историски настани. Поточно, како што предвидува „чуениот“ нелегален односно нелегитимен а сепак активен Протокол бр. 2, државата полека но сигурно ќе биде депривирана, или обезличена, како сакате, од сите национални и историски придавки и обележја.

71

„Парадоксот на бродот на Тезеј“ уште се нарекува и „Парадоксот на Тезеј“ односно Плутарховиот парадокс на бродот на Тезеј бидејќи токму Плутарх, во неговото дело „Животот на Тезеј“, го сочувал од заборав. Каква врска има со Македонија? Или со Франкенштајн? Никаква, и секаква.

Но, прво, многу кратко за митот за Тезеј, колку да знаеме за што говориме: Тезеј, митскиот основач и крал на Атина, убивајќи го Минотаурот ги спасува атинските деца давани како данок на критскиот крал Минос и ги превезува со брод на островот Делос. Во негова чест и спомен на овој настан атињаните го сочувале бродот како реликвија, континуирано го одржувале менувајќи ги деловите што со време гниеле и се распаѓале…, така што на крајот античките филозофи го поставиле прашањето: ако не останало ниту едно делче од оригиналниот брод, зарем тој и понатаму можел да се нарекува – бродот на Тезеј?






Прифаќајки го овој парадокс современите филозофи го согледувале (и) во релација со идентитетот, што пак во многу аспекти нѐ поврзува со актуелната ситуација на државата подготвувана за целосен козметичко-идентитетски зафат. Тука е „врската“.

Зашто, после сѐ што неколку „умни“ глави ни подготвија, Македонија тивко но сигурно ќе се трансформира во македонски парадокс за исчезнувањето, многу сличен на оној на бродот на Тезеј но и на други историски настани. Поточно, како што предвидува „чуениот“ нелегален односно нелегитимен а сепак активен Протокол бр. 2, државата полека но сигурно ќе биде депривирана, или обезличена, како сакате, од сите национални и историски придавки и обележја, ќе биде нарекувана секако освен онака како што сме свикнале и посакуваме. Ќе биде обезличена до непрепознатливост односно до „трансформацијата“ во – нешто друго. Се разбира, сите – освен една безначајна сурија некадарници – знаеме што ќе биде тоа друго, но се правиме наивни. Можеби тогаш ќе бидеме „довршени Македонци“?

Не, дури ни тогаш, зашто како што ќе се менува дел по дел од македонската историја и сегашност (многу слично на деловите од бродот на Тезеј), како што нештата ќе добиваат нови имиња и содржини а историските личности друг, нов идентитет, така и ние, полека но сигурно ќе заминеме во вечноста како уште една глупава држава и уште поглупав народ кои не успеале да опстанат во светот на предаторите. Мистеријата на изчеснувањето на Инките, или на Маите, Хазарите и др., на пример, барем останува релативно неразјаснета загатка што можеме да ја толкуваме различно, дури и позитивно. Нашата нема да биде ни загатка ниту пак мистерија – сите ќе знаат дека едноставно сме биле глупави! Сме немале смелост да се спротивставиме, да се бориме за себеси и иднината, да прекинеме со ова наивно и квинслишко лицемерие.

Бидејќи, како што слој по слој ќе ја соголуваат историјата, традицијата, јазикот, културата…, како што македонските теми свесно ќе бидат оставени да гнијат како даските од бродот на Тезеј и да бидат потоа заменувани со нови со бугарска историска патина, така и нашиот дух полека но сигурно ќе млитавее, ќе се предава, ќе изумира… Ќе нѐ колнат и претците и идните генерации, ќе бидеме за потсмев на сиот нормален свет, можеби ќе нѐ викаат продадени души…, не знам, па и не сакам да знам, но нема да бидеме ова што сме и секогаш сме биле. Зошто? Заради неколкумина среброљубни имбецили?

И заради тоа што немало (дури, по ѓаволите, ни Уставниот суд!) кој да го анулира – по секоја цена! – оној предавнички, ступиден, нецивилизациски „Бујаров протокол“, но и Заевиот малоумен договор?! И заради тоа што една петоколонашка групација секојдневно раскажува бајки за некаква еу (малите букви се…) која ни е наводно неопходна а која де факто е кума на целиов македонски парадокс?!

А врз него, како црешичка врз шлагот, ни се појавува сеништето на Франкенштајн, лик кој целосно ни одговора зашто, како што смислила Мери Шели, а денес ја дополнуваат некоиси Макрон, фон дер Лајен, Шолц… или имагинарниот Виктор Франкенштајн, многу едноставно може на цел народ да му се смени личниот/идентитетскиот опис, да му се смисли ново-стара фаца и минато, да се склепа (повторно) некаков старо-нов „народ“ – или гротескна хуманоидна компилација! – со едноставна монтажа на различни историски делови, украдени или измислени. И се впуштиле во работа што трае до денес.

И некако се претерано сигурни дека ќе ја завршат, на еден или на друг начин. Не знам зошто но како да ни нема спас од проектираното исчезнување. Можеби затоа што имаат и толкава помош „од внатре“?

А изгледа тие „внатрешните“ го започнаа „зафатот“ наопаку, од крајот – од менувањето на името на државата, што би требало да е последниот чин – или пак можеби тој чин веќе во таквиот старт ја најави целата замислена операција. Зашто, не верувам дека во земјава има(ше) повеќе од два-тројца будали кои веруваа(т) дека во блиска иднина нема – дури и спонтано! – да има тивка промена и во придавките извлечени од новото име на државата. Што веќе и се случува, особено во ословувањата од страна на политикантски званичници на јужниот и источниот сосед. За неколку години сѐ ќе биде северномакедонско, со што ќе се заокружи македонскиот парадокс.

Ако воопшто опстане и тоа – северномакедонско!? Зашто, како пак тоа би било соодветно на комплетната „реконструкција“ на историјата, на Франкенштајнизираниот „лик“ на Македонецот и на новото име на државата?

П.С.

Некој поамбициозен, ако сака може македонскиот парадокс да го види и во светлината на најновата „мудрост“ – или уште еден парадокс! – во интерпретација на оној кутар Филипче кој сака спротивставувањето на актуелната козметичко-идентитетска реконструкција да ни го претстави како „губитничката страна на историјата“, со што ќе сме биле „изложени на странски влијанија на трети земји“ и ќе биде „под ризик и иднината на земјата и иднината на младите коишто живеат тука”.

Но, како Бугари, веројатно ќе нѐ огрее ново сонце?!

Поврзани содржини