Членството во ЕУ е клучно

Дискусиите околу ЕУ-проширувањето постојано добиваат нови перспективи. Освен во Исланд, и во Норвешка може да се очекува сè поинтензивна дебата за членството во ЕУ поради новата глобална ситуација.

0

Министерот за финансии на Исланд, Дади Мар Кристоферсон, деновиве изјави дека членството во ЕУ е клучно за економијата и безбедноста на земјата. Исланд е членка на НАТО без сопствена армија, а на 29 август ќе гласа за тоа дали да ги продолжи пристапните преговори.

Исланд аплицираше за членство во 2009 година, но го паузираше процесот во 2013 година и официјално ја повлече својата молба во 2015 година. Но, безбедносно-политичката и економската реалност сега е поинаква. Во својот говор во Давос во јануари годинава, американскиот претседател Трамп четири пати ја спомена потребата на САД за Исланд. Иако Трамп веројатно ги измешал островите и мислеше на Гренланд, тешко дека намерата му беше да ги смири Исланѓаните.






Како членка на Алијансата, Исланд без сопствена одбрана во пракса е целосно зависен од САД. Сега земјата гледа потреба да се поврзе и поблиску до Европа. Една од главните причини поради кои владата во Рејкјавик сака да ги забрза заложбите за доближување кон европските интеграции е напорот на ЕУ да ѝ понуди на Украина делумно членство уште следната година. Исланд не сака да биде оставен во втор план кога Унијата ќе се прошири.

Наместо тоа, работите би можеле да се одвиваат изненадувачки брзо. Ако Исланѓаните кажат „да“ за ЕУ на референдумот во август, нивното приклучување би можело да оди брзо. Исланд е веќе дел од Шенген, а и голем дел од законодавство на земјата е во согласност со ЕУ.

Но, во исто време даночната битка и понатаму ја дели ЕУ. Неодамнешниот состанок во Брисел за предложениот долгорочен буџет на Унијата не заврши со усогласени ставови. Две страни, всушност, се соочуваат една со друга. Германија, Холандија, Шведска, Финска и Данска изразуваат несогласување со предложените 1.800 милијарди евра. Станува збор за земји кои имаат добра контрола врз своите државни буџети. Од другата страна на преговарачката маса се Италија, Шпанија и Франција, кои добиваат големи субвенции од ЕУ.

Прашањето има две димензии. Едната е дали ЕУ треба да стане трансфер унија, каде што даночните обврзници во некои земји се принудени да ја носат одговорноста за економијата на други земји – преку Брисел. Другата димензија е поврзана со демократијата во донесувањето на одлуките. И двете димензии се непосредно испреплетени.

На кое ниво треба да се донесуваат одлуките? Прашањето постојано се поставува во земјите-членки, и пред секое евро што треба да се прати во Брисел. Зошто издвоените национални буџетски средства мора да се испратат таму, бидејќи потоа не може да се бара вистинска одговорност за тоа како се трошат даночните пари што ги администрира бриселската дипломатија.

Од година во година Европскиот ревизиски суд го критикува начинот на кој се исплаќаат буџетските средства на ЕУ. Сè уште, со тековните буџетски преговори, се предлага поддршката за земјоделство да сочинува повеќе од половина од вкупните расходи, кои се одлеваат во некои земји-членки како во бунар без дно. Огромниот земјоделски сектор на Украина драматично би ја зголемил таа дупка.

Земјите кои даваат нето-придонес за полнење на ЕУ касата, а оттаму добиваат назад многу помалку, не би сакале да функционираат едноставно како банкомат од кој постојано ќе се извлекуваат средства за трошоци кои не подлежат на целосна контрола.

Директно влијание врз европскиот буџет секако има и процесот на проширувањето на ЕУ. Вклучувањето на нови членки бара значителни финансиски ресурси за структурна помош и земјоделство, а што ги принудува сегашните земјите-членки повторно да преговараат за големината и распределбата на буџетот во однос на повеќегодишната финансиска рамка што стапува на сила во 2028 година.

Вклучувањето нови земји бара целокупната буџетска рамка значително да се зголеми за да се финансираат истите нивоа на поддршка. Европската комисија предложи нова структура на буџетот по 2027 година, со посебни мерки конкретно насочени кон проширувањето. Со тоа, ЕУ-членките кои даваат најголем нето-придонес, какви што се Германија и Шведска, ризикуваат да мора да плаќаат уште повеќе продонеси во европската каса, додека сегашните ЕУ-членки кои се приматели на буџетски средства, би можеле да се соочат со намалена поддршка кога фондовите ќе треба да се распределат на значително ппоголем број земји-членки, вклучувајќи ги, значи, и новопримените по проширувањето.

Во секој случај, дискусиите околу ЕУ-проширувањето постојано добиваат нови перспективи. Освен во Исланд, и во Норвешка може да се очекува сè поинтензивна дебата за членството во ЕУ поради новата глобална ситуација. „Лудиот свет“ ја принуди ЕУ да извади алатки од кутијата што не беа многу користени порано, изјави норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде во „Фајненшл тајмс“ пред извесно време. „Токму такви алатки поради кои порано донесовме одлука да не се приклучиме“.

Повеќе од три четвртини од Европејците денес веруваат дека нивните земји имале корист од членството во ЕУ. Во толкав обем европските граѓани ја гледаат ЕУ и како стабилно подрачје во проблематичен свет. Уште повеќе поддржуваат посилна соработка во областа на одбраната, според резултатите на истражувањата на Евробарометарот.

Десет години по Брегзит и напуштањето на ЕУ, сè повеќе Британци исто така повикуваат на враќање во Унијата. Но, многумина веруваат дека тоа веројатно нема да се случи. Донесувањето таква одлука би отворило многу од раните создадени од жестоката кампања што претходеше на Брегзит. Сега би биле потребни нови преговори, исцрпувачки за сите страни. Поверојатно е дека со текот на времето, Велика Британија и ЕУ ќе се зближат на други начини.

Нема сомнение дека Европската унија, и покрај сите проблеми и разидувања кои ги нарушуваат интегарциите, се уште зрачи со привлечна сила. Европската комисија, како што деновиве објави „Политико“, сè поинтензивно работи на предлог за постепена интеграција што би им дала на земјите-кандидатки пристап до финансирање од ЕУ, трговски преференции и делови од единствениот внатрешен пазар, пред да бидат примени како полноправни членки. Целта е да се продолжи со реформските работи во земјите чиј процес на пристапување може да трае неколку години, при што се смета и на Украина. Европската комисија се надева дека шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ ќе дадат зелено светло за оваа иницијатива на самит на Европскиот совет во октомври или декември годинава.

Тоа веројатно ќе ги зголеми надежите дека и за Македонија, која и понатаму е блокирана поради билатерланиот спор со соседна Бугарија и барањата за уставни промени, ќе се подотворат вратите за почеток на пристапните преговори за членство. Но, се разбира, без ригидни идентитетски уцени кои во крајна линија ни најмалку не одат во прилог на јакнењето на кредибилитетот на европските интеграции – и на самата ЕУ.

Поврзани содржини