МИЦКОСКИ АПЕЛИРА ПАРИТЕ ВО КУЛТУРАТА ДА СЕ ТРОШАТ ЗА ПРОЕКТИ Премиерот повтори дека колективниот договор не важи без мислењето на Министерството за финансии
Премиерот нагласи дека буџетот за културата нема да се крати.
Колективниот договор во културата бил усвоен без позитивно мислење од Министерството за финансии, вели премиерот Мицкоски и додава дека за еден колективен договор да биде применлив, неопходно е претходно да постои согласност од Министерството за финансии, што, според него, во овој случај недостигало.
Тој рече дека доколку сакаме да имаме функционална држава треба да има ред и да се почитуваат законите.
– На владината седница на 31 декември годината кога поминал тој колективен договор немал позитивна согласност од Министерството за финансии. Треба тоа да го знае јавноста и културните работници, кои се манипулирани од мала група гласни луѓе кои се во првите редови. Мора да сме свесни дека за еден колективен договор ќе биде апликативен и применлив, мора да има позитивно мислење од МФ. Овој колективен договор нема- рече Мицкоски.
Тој е дециден дека буџетот за културата нема да се крати, но оти треба поголем дел од средствата да одат за проекти и програми.
– Буџетот за културата се зголемува, но, не толку многу за програми и за капитални инвестиции, туку за нивните плати. Овој колективен колективен договор нема позитивно мислење за усвојување. Дури и министерка за финансии кога била на функција кога тој бил усвоен има дадено негативно мислење за овој колективен договор, дека средства во буџетот не се обезбедени – рече Мицкоски.
Но, додаде, дека иако не е правник и во одредени случаи не му се допаѓаат одлуките на Уставниот суд тие треба да се почитуваат.
-Јас не сум правник, но има Уставен суд. И мене можеби некогаш не ми се допаѓаат одлуките на Уставниот суд, но тој е конечна инстанца. Неговите одлуки не се коментираат, се применуваат. Јас навистина не можам да разберам како е возможно поедини структури во општеството да ја гледаат состојбата како шведска маса, ова ми се допаѓа, а ова не ми се допаѓа. Тоа што ми се допаѓа ќе го премолчам, тоа што не се допаѓа ќе го критикувам. Не може тоа така. Или ќе важи за сите истото правило или нема да важи. Замислете ако сите институции почнат да потпишуваат колективни договори без позитивно мислење од МФ дека се озбедени средства што ќе се случи – рече Мицкоски.
Тој смета дека сите треба да имаа чувство и за државата, во случајот и за културата.
-Еве кажете дали некој има чувство кон оваа држава, еве и кон културата. Никој не го крати буџетот, но да оди во програми, оди во филмови, во театарски претстави, да се реновираат културните институции. Никој нема да го скрати. Тие се парите. Ајде за тоа да зборуваме. Зошто да не зборуваме дека имаме вработени во одредени театри коишто не играат претстава цела година? Еве зошто тоа не го зборуваме. Ајде за тоа да зборуваме. Се доведуваме во ситуација, на пример, правник во културна институција во некој град низ државата да има двојно поголема плата од правник во Министерството за култура. Некои работи треба да ги доведеме во ред ако сакаме да имаме држава, ако сакаме да си играме држава еве тоа е начинот – рече Мицкоски.
Синдикатот за култура на Македонија (СКРМ) вчера одржа протест пред Министерството за култура и туризам, од каде порачаа дека не бараат нови права, туку почитување на веќе постигнатите договори.