ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ „РИМУВАНИ РОМАНИ“ Книга со епиграми од Миле Ѓорѓијоски
Книгата на Ѓорѓијоски со остар, но духовит јазик ги разобличува неправдите, апсурдите и секојдневните парадокси.
Нова книга епиграми „Римувани романи“ од авторот Миле Ѓорѓијоски излезе од печат. „Римувани романи (епиграми)“ од Миле Ѓорѓијоски е збирка кратки, римувани сатирични мисли – епиграми, во кои авторот преку духовитост и иронија го прикажува општеството, политиката и човековите слабости.
Епиграм е кратка лирска форма која збиено и јасно ни кажува некаква вистина што нè изненадува, но која веднаш ја чувствуваме како точна и умесна. Книгата на Ѓорѓијоски е со остар, но духовит јазик, во која низ оваа форма ги разобличува неправдите, апсурдите и секојдневните парадокси, нудејќи критички поглед кон реалноста, но и повод за размислување и насмевка.
Македонскиот современ афористичар и писател Миле Ѓорѓијоски досега има објавено голем број збирки афоримизми („Пет до дванаесет“, „Откоси“, „Нешто друго“, „Строго недоверливо“, „Низ иглени уши“, „Никој не сака да биде плашило“, „Три пати на ден“, „Илјада и еден афоризам“ и други), избор на афоризми („Сатирични мистерии“), сатирични приказни и комедии („Тоа е тоа“, „Некоректен мртовец“) како и книги со афоризми за деца, епиграми, алманаси и антологии на афоризми.
