СТАРАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА ВО СТОБИ ЌЕ СТАНЕ ЦЕНТАР ЗА ПОСЕТИТЕЛИ ВО СЕПТЕМВРИ Локалитетот „плаче“ за транзитен туризам
Археолошкиот локалитет Стоби претставува едно од најзначајните културни богатства на Република Северна Македонија и важен столб на нашиот културен идентитет, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на локалитетот.
Тој нагласи дека државата континуирано ја поддржува Националната установа Стоби, обезбедувајќи значителни буџетски средства за заштита, конзервација и презентација на овој уникатен археолошки комплекс.
– Оваа година Министерството за култура и туризам учествува во финансирањето на Годишната програма на НУ Стоби со вкупно над 10 милиони денари, со што директно ги поддржуваме археолошките истражувања, конзерваторските работи и особено проектот за адаптација на Старата железничка станица во современ Центар за посетители, кој треба да биде отворен во септември – истакна министерот Љутков.
Стоби, како што посочи тој, не е само археолошки локалитет, туку е и стратешка точка за развој на транзитен туризам, особено поради неговата близина до автопатот Е-75 што го прави идеална дестинација за илјадници патници кои минуваат низ нашата земја.
– Со отворањето на новиот Центар за посетители и подобрувањето на услугите за туристите, ние сакаме да го претвориме Стоби во место каде што патниците ќе сакаат да запрат, да го запознаат нашето богато наследство и да го доживеат вистинскиот дух на античкиот свет – истакна Љутков.
Министерот истакна дека потенцијалот на Стоби е препознаен и од меѓународни организации и фондации од САД, Италија и Бугарија. Донациите пристигнуваат од Џ. М. Каплан фонд, како и од Американскиот институт за римска култура во соработка со фондацијата Балканско наследство и НУ Стоби покажуваат дека станува збор за локалитет од меѓународно значење, чија вредност ги надминува границите на нашата држава.