КУБА ПРАТИ ТАЈНО ПИСМО, КУРИРОТ СОПРЕН Пропадна обидот одоколу да се стигне до Трамп
Кубанските власти се обиделе да воспостават директен контакт со лидерот на САД преку неформален канал, пишува „Волстрит џурнал“. Пораката содржела предлози за договори и предупредување за можна ескалација.
Куба се обидела да испрати тајна дипломатска порака до претседателот на САД преку бизнисмен, заобиколувајќи ги официјалните канали, пишува „Волстрит џурнал“.
Потегот се толкува како обид да се заобиколи државниот секретар на САД Марко Рубио.
Во пораката биле понудени економски договори и олеснување на санкциите. Истовремено, Хавана предупредила дека се подготвува за можна американска инвазија.
Курирот запрен во Мајами
Мисијата завршила уште на аеродром. 37-годишниот бизнисмен Роберто Карлос Чамизо Гонзалез бил запрен во Мајами.
Американските власти го конфискувале писмото и го вратиле назад во Хавана. Не е познато зошто курирот бил задржан.
Кастро го заобиколува Рубио
Пораката била испратена по иницијатива на Раул Родригез Кастро. Тој е внук и близок соработник на поранешниот лидер Раул Кастро.
Писмото било формулирано како дипломатска нота. Го носело официјалниот печат на кубанската држава.
Куба сакала директно да стигне до врвот на американската власт.
– Кубанците се обидуваат да го заобиколат Рубио и директно да испратат порака до претседателот – изјави аналитичарот Питер Корнблу.
Според него, Хавана нема доверба во улогата на Рубио како посредник.
Обидот доаѓа во момент на тешка економска состојба. Куба се соочува со најлошата криза во последните децении. Американските санкции и енергетската блокада силно ја погодија економијата.
Дополнителен удар за Куба беше и губењето на поддршката од Венецуела.
Куба е следна?
И покрај тензиите, комуникацијата со САД не е целосно прекината. Американски и кубански претставници имале разговори во последните недели.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел одбил да преговара за политички промени.
Претседателот на САД Доналд Трамп неодамна го привлече вниманието со изјавата дека „Куба е следна“.
– Куба е пропадната држава и ние ќе им помогнеме – изјави шефот на САД.
Изјавата доаѓа во момент кога е најавена нова рунда преговори меѓу САД и Иран и крај на војната на Блискиот Исток.