НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО Мицкоски најави уште вложувања во иднината на децата
Премиерот најави дека Владата ќе продолжи со инвестиции во образованието и нови проекти во Општина Ѓорче Петров.
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на поставување камен-темелник за доградба на ООУ „Страшо Пинџур“ во населбата Даме Груев, во Општина Ѓорче Петров, при што нагласи дека вложувањето во образованието значи вложување во иднината на државата.
Тој изрази благодарност до Министерство за образование и наука што во делот на капиталните инвестиции вклучува проекти поврзани со образованието.
– Би сакал, исто така, и јас да ја изразам својата благодарност, најпрвин на Министерството за образование и наука што во делот од капиталните инвестиции, вклучува ваков тип на инвестиции, односно во образованието, нешто коешто е многу важно за децата, односно за нашата иднина – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека суштината на вложувањата во образованието е директно поврзана со иднината на државата.
– Суштината е дека кога вложувате во образованието, вложувате во иднината на државата – истакна премиерот.
Мицкоски упати благодарност и до градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски за, како што рече, подготвеноста со проекти кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
– Исто така, сакам да изразам огромна благодарност до градоначалникот Стојкоски што секогаш е подготвен со проекти, коишто се во суштина додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните во Општина Ѓорче Петров – додаде тој.
Премиерот им се заблагодари и на советниците, администрацијата и пратениците во Собранието кои, според него, придонесуваат за реализација на ваквите проекти.
– Да се заблагодарам на советниците, коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, на администрацијата, се разбира, којашто е тука како логистика секогаш нераскинлива алка од синџирот. Исто така, сакам да се заблагодарам на пратеникот, на пратениците во македонското Собрание, конкретно и на пратеникот овде во Општина Ѓорче Петров, којшто доаѓа, потекнува од Општина Ѓорче Петров, којшто во рамките на Собранието секогаш се бори за проект повеќе за Општина Ѓорче Петров – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека ваквите инвестиции се значајни за подобрување на квалитетот на образованието.
– Како што кажав, овој тип на инвестиции се многу значајни за квалитетот на образованието на нашата иднина, тоа се децата – изјави премиерот.
Мицкоски додаде дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви проекти и во иднина.
– Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти. Од ова што можевме да го слушнеме од градоначалникот и во оној неформален дел да го поразговараме, има уште неколку вакви проекти во периодот којшто следи во деновите, во неделите. И секогаш сум тука да ги поздравам овие проекти и да ги поддржиме овие проекти. Така било, така и ќе биде и во иднина, истакна Мицкоски.
Тој на крајот им се заблагодари на сите присутни и посочи дека техничките детали веќе биле образложени од страна на градоначалникот Александар Стојкоски и министерката Весна Јаневска.
– Уште еднаш благодарност до сите и јас тука би завршил, не би имал што повеќе да кажам, бидејќи најголемиот дел од техничките параметри ги кажа самиот градоначалник и министерката – потенцира Мицкоски.