МЕЛОНИ ПОД ИСТРАГА ПОРАДИ ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ЛИБИСКИ ПОЛИЦАЕЦ Осама Наџим e баран за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд
Во тој момент, за да не го пуштиме на слобода на италијанска територија, решивме да го протераме и веднаш да го вратиме во татковината, со специјален лет, рече италијанската премиерка во врска солибискиот полицаец Осама Наџим.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека е ставена под судска истрага поради тоа што Италија ненадејно ослободи либиски државјанин кој Меѓународниот кривичен суд (МКС) го бараше за воени злосторства.
Во видеопораката споделена на социјалните мрежи во вторникот, Мелони рече дека е осомничена од обвинителите за проневера и за помагање и поттикнување на кривично дело, јави Би-Би-Си.
Осама Наџим, познат и како Алмасри, е шеф на либиската судска полиција и директор на злогласниот центар за притвор во Митига, во близина на Триполи.
Наџим беше уапсен во Италија на 21 јануари и беше ослободен неколку дена подоцна „поради правна техникалија“, според италијанското Министерство за внатрешни работи.
Меѓународниот кривичен суд, кој рече дека не бил консултиран, набрзина издаде уште еден налог за апсење на Наџим и побара објаснување од италијанските власти.
Во видеото, Мелони рече дека Апелацискиот суд во Рим го ослободил Наџим бидејќи налогот на МКС не бил испратен до италијанското Министерство за правда.
– Во тој момент, за да не го пуштиме на слобода на италијанска територија, решивме да го протераме и веднаш да го вратиме во татковината, со специјален лет – рече Мелони.
Минатата недела, италијанскиот министер за правда Карло Нордио рече дека Наџим бил протеран поради „опасноста“ што ја претставувал. Оваа негова изјава беше исмеана од италијанската опозиција.