Масовно се откажуваат патувања, туристичкиот сектор на колена
Според туристичките работници, пропаѓа во вода целата година во ин камингот зашто 70 отсто од турите од Азија и од другите земји се откажани.
Платени придонеси за над 20.000 вработени во туристичката и угостителската дејност, намален ДДВ на 5 отсто за храна, препорака граѓаните да патуваат во туристичките места во земјава, семинарите и другите активности на државните институции да се одржуваат во земјава, како и итно формирање на фонд за ублажување на штетите од состојбата со коронавирусот, се дел од мерките за ублажување на штетите од врз туристичко-угостителскиот сектор кои ги бараат туристичките работници и хотелиерите во земјава.
– Состојбата на секторот е алармантна. Анкетите покажуваат дека од 40 до 60 отсто а некои делови и до 80 отсто се загубите од откажаните патувања. Веќе закажаните патувања се откажани или туристите пројавиле интерес да ги откажат. Моментално имаме состојба според која 90 отсто од граѓаните кои сакаа да патуваат сакаат да ги откажат или одложат за друг термин патувањата – рече Емил Димитровски од Стопанската комора за туризам.
Тој заедно со претставници на Здружението на угостителството и туризмот на Стопанската комора, Туристичко-угостителска комора на Македонија на Сoјузот на стопански комори, Стопанска комора за туризам и Здружението на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови – ХОТАМ на денешната прес-конференција побара владата да ги прифати мерките кои ги предлагаат за да се ублажи состојбата во секторот.
Според туристичките работници, пропаѓа во вода целата година во ин камингот зашто 70 отсто од турите од Азија и од другите земји се откажани, а требаше да значат револуционерен раст на туристичките посети на земјава.
– Сведени сме на нула бидејќи сите закажани тури до крајот на мај и средината на јуни се откажани. Ако до септември не се подобри состојбата ќе бидеме соочени со огромни загуби – изјави Влатко Шуло од Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ).
Според туристичките работници и хотелиери приоритет моментално им е задржувањето на работниците кои многу тешко ги наоѓаат и успеваат да ги задржат.
– Барањето да се ослободат туристичките организации и хотелиерите од придонесите за вработените се потребни за да не се доведеме во состојба да ги отпуштаме, па потоа да не можеме да најдеме други, бидејќи во секторот недостигот на работна сила е голем – рече Асим Меѓедовиќ од ХОТАМ.
Тој рече дека во туристичките агенции и хотелите кои се членови на петте туристички здруженија работат над 20.000 работници, а со туризмот се поврзани вкупно 100.000 работници.
Проблем за хотелите, додаде Меѓедовиќ, е и тоа што покрај намалувањето на закажаните тури, односно на ангажираните соби, странските туроператори бараат одложено плаќање на сместувањето.
Владимир Грамадџиев од Туристичко-угостителската комора побара граѓаните да ги посетуваат повеќе домашните туристички места за да придонесат туризмот да не замре како сектор.
Туристичките работници и хотелиерите очекуваат Министерството за економија и владата да ги прифатат мерките кои ги предлагаат бидејќи од овој сектор државата има приход од 425 милиони долари годишно.
Мерките ги оправдаа и со фактот дека и другите држави во кои оваа дејност е прва на удар од ширењето на коронавирусот го помагаат туризмот.
– Словенија, на пример, издвои 1 милијарда евра за туризмот, а и другите земји го прават истото – велат тие.
Ваквите и слични состојби, како што рече Даниела Михајловска од Стопанската комора, говорат дека треба да се размислува за одредени измени на Законот за туристичка дејност во делот на осигурување на аранжманите.