ЖЕНАТА ГО НАМАМИЛА ДОКТОРОТ, МАЖОТ ГО ИЗБОДЕЛ, ЗАЕДНО ГИ БРИШЕЛЕ ТРАГИТЕ ОД КРВ Сопружници осомничени за грозоморно убиство во Автокоманда извршено пред две години
По повеќе од две години истрага, полицијата ги приведе осомничениот сторител и неговата сопруга за убиството на Ацо Трповски, кое се случи во март 2024 година на паркинг во скопската населба Автокоманда.
Полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода М.В. (65) и неговата сопруга С.В. (59), двајцата од Скопје, откако во координација со Основното јавно обвинителство Скопје биле обезбедени докази кои, според надлежните, создаваат основано сомнение дека М.В. го извршил убиството, а С.В. му помогнала по извршувањето на делото со прикривање на трагите.
Според истрагата, кобниот настан се случил на 21 март 2024 година, кога С.В. се договорила да се сретне со Ацо Трповски. на паркингот во Автокоманда и влегла во неговиот автомобил. Кратко потоа на местото пристигнал и нејзиниот сопруг М.В., кој, според обвинителството, ја отворил вратата од возилото и го извлекол Трповски.
Меѓу двајцата настанала вербална расправија, по што М.В., како што се сомнева обвинителството, извадил нож и му нанел девет убодни рани во пределот на градите и телото, од кои Ацо Трповски починал.
По нападот, сопружниците, според истрагата, заедно го внеле телото на починатиот во автомобилот. Потоа М.В. го управувал возилото до паркингот кај Поликлиниката „Железара“, каде го префрлил Трповски на возачкото седиште.
Осомничената С.В., според надлежните, потоа употребила средство со кое ги избришала трагите од возилото, по што двајцата го напуштиле местото.
Од МВР информираат дека по преземени повеќе мерки и активности, како и врз основа на повеќе наредби издадени од јавен обвинител, биле обезбедени докази и поднесена е кривична пријава против М.В. за кривично дело „убиство“ по член 123 став 1 од Кривичниот законик, додека С.В. е осомничена за „помагање при извршување на кривично дело“.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Истрагата за случајот продолжува, а одлуката за евентуалниот притвор треба да ја донесе судот.
Д-р Ацо Трповски беше познат матичен лекар од Скопје, кој имаше своја приватна ординација (како концесионер) во поликлиниката во населбата Железара. Тој имаше 67 години и уживаше голем углед меѓу своите пациенти и колеги од Лекарската комора на РСМ. Неговото безживотно тело беше пронајдено со девет убодни рани од нож на 21 март 2024 година, во неговиот сопствен автомобил, паркиран во близина на поликлиниката во Автокоманда/Железара.