ОД КИЧЕВО ДО ОХРИД, ОД СКОПЈЕ ДО БЛАЦЕ Трајановски најави кога ќе се отворат клучните делници

Директорот на ЈПДП Коце Трајановски најави дека автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен до мај 2027 година, а во следните месеци треба да почне изградбата на Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани.

0

Рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид во мај следната година ќе биде запазен, во втората половина на август треба да почне изградбата на автопатот Скопје-Блаце, а во септември и на делницата Кичево-Букојчани, најавува директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски.

– На автопатот Кичево-Охрид, од 2024 година, откако дојде новата Влада, македонската јавност и сите што патуваат видоа дека има голем напредок. Од вкупно 57 километри, 37-38 километри се пуштени во употреба, а на преостанатите делови интензивно се работи. Очекуваме на крајот на октомври да го пуштиме делот од Извор, да се качиме на автопатот и преку тунелот да стигнеме до Врбјани (од Врбјани до Ботун веќе има автопатско решение), а следната година, во мај, очекуваме рокот да биде запазен. Има динамика за тоа со третиот кредит што го зеде ЈПДП. Има добар динамички план. Веќе се гледа дека работите се при крај, се реализираат и активностите што не беа предвидени, како новите технички решенија за галериите. И денеска сите инволвирани – изведувачи, проектанти и надзор – имавме состанок кај вицепремиерот, така што тој рок останува – рече Трајановски во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител.






За изградбата на автопатот Кичево-Охрид досега се земени три заеми и, како што рече, вкупната вредност на проектот ќе изнесува околу 800 милиони евра.

Според Трајановски, со добра динамика се одвива изградбата на автопатските делници што ги гради „Бехтел и Енка“ – Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани. Многу важен проект, посочи тој, е и делницата Кичево-Букојчани, за која е во тек избор на изведувач и се очекува во септември да почне изградбата.

– За изградбата на автопатот Скопје-Блаце веќе е избран изведувач – конзорциум предводен од „Гранит“, со кој месецов ќе потпишеме договор. Во меѓувреме, „Гранит“ се мобилизира на терен и очекуваме во втората половина на август да почне изградбата на патот, кој долго се најавуваше и е од големо значење за Македонија и Косово. Во текот на август ќе го воведеме изведувачот во работа, а во тек е изборот на надзорот од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ЈПДП. По воведувањето во работа ќе започнат теренските активности, испитувањата на теренот и расчистувањето на трасата – рече Трајановски.

Цената од околу 20 милиони евра по километар, појасни тој, се должи на тоа што трасата се наоѓа во планинскиот предел на Скопска Црна Гора. Ќе се градат пет тунели, девет мостови, бројни косини, потпорни ѕидови и потпатници.

Директорот на ЈПДП соопшти дека за потегот од Романовце до Страцин се подготвува тендерската документација за експресен пат и дека следната година се очекува да биде објавен тендер за изработка на физибилити студија, по што треба да се обезбедат средства за изградбата.

Поврзани содржини