КРАЈ ЗА ДЕЦАТА НА ТРОТИНЕТИ, А СИТЕ ВОЗРАСНИ СО КАЦИГА Стапија на сила новите правила, само полнолетни смеат да управуваат
Стапија на сила нови правила за електричните тротинети. Само лица над 18 години ќе смеат да управуваат, задолжителна е кацига, а следуваат и построги казни.
Новите правила за користење на електрични тротинети стапија на сила, со нив веќе нема да смеат да управуваат малолетни лица. Согласно измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, минималната возраст за управување електричен тротинет е зголемена од 14 на 18 години.
Со новите законски измени, електричниот тротинет станува превозно средство со построги правила, со цел да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Максималната дозволена брзина на велосипедски патеки и велосипедски ленти останува до 20 километри на час, додека на тротоари, пешачки и мешани патеки возењето е ограничено до 6 километри на час.
Измените следуваат по анализите на сообраќајните незгоди во периодот од 2024 година до мај 2026 година, кои покажале сериозни последици кај возачите на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли.
Во овој период, во пријавени сообраќајни незгоди учествувале 2.352 возачи на овие превозни средства. Од вкупниот број на настрадани, 46 лица го загубиле животот, 585 се здобиле со тешки телесни повреди, а 1.347 лица со полесни телесни повреди.
Со измените се воведуваат повеќе обврски за корисниците:
– При преминување преку коловоз или пешачки премин, доколку нема велосипедска патека или лента, возачот мора да се симне од тротинетот и да го турка.
– Забрането е превезување друго лице на електричен тротинет.
– Во случај на превоз на сопатник, ќе бидат казнети и возачот и лицето што се превезува.
– Носењето заштитна кацига станува задолжително за сите возачи.
– Останува обврската за носење рефлектирачки елек при ноќно возење или при намалена видливост.
Новите правила предвидуваат и построги санкции. Покрај паричните казни, за одредени прекршоци ќе може да следува и привремено одземање на електричниот тротинет во период од 30 дена.
Доколку прекршокот го направи дете, одговорноста ќе ја сносат родителите или старателите.
Со измените надлежните очекуваат намалување на ризиците и поголема безбедност на улиците, особено поради зголемениот број корисници на електрични тротинети во градските средини.