ПОЛСКА ВЛОЖУВА 8,55 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЗА ИСКОП НА БАКАР Кај нас уште не се реализира ниту инвестицијата од 350 милиони евра во Иловица

Од компанијата „Еуромакс ресоурцес“ најавија инвестиција од околу 350 милиони евра само во текот на изградбата, а со тоа проектот би претставувал најголема гринфилд инвестиција во државата.

0

Полската компанија за производство на бакар и сребро „KGHM“ најави дека до 2030 година се обврзува на инвестиции тешки над 32 милијарди злоти (8,55 милијарди долари), со цел да се постигнат нови долгорочни цели во производството и во профитот. Планот, наречен „Стратегија 2055+“, има за цел постигнување на прилагодена основна добивка од производство на бакар од 730.000 тони до 2030 година.

Македонија, иако поседува бакар не може да се пофали со инвестиции. Долг период сериозна е само најавата за ископ на бакар од наоѓалиштето во Иловица и Штука. Од компанијата „Еуромакс ресоурцес“ најавија инвестиција од околу 350 милиони евра само во текот на изградбата, а со тоа проектот би претставувал најголема гринфилд инвестиција во државата. Очекуван е и просечен годишен приход од 180 милиони евра, кој ќе придонесе во зголемување на БДП за дополнителни 3%, а силно влијание ќе има и врз македонскиот извоз. Просечната годишна вредност на извозот за време на 23-годишното работење би изнесувало над 180 милиони евра годишно што претставува зголемување од околу 4% на македонскиот извоз.






Засега единствен активен рудник за бакар е „Бучим-Боров дол“, кој ги исцрпува своите капацитети, а претходно нереализирани остануваа повеќе инвестиции, меѓу кои и за рудници за бакар на Кожуф и во Казандол.

Инаку, амбициозните планови во Полска предвидуваат и KGHM да обезбеди снабдување со руда поблиску до своите полски топилници и да ги намали трошоците за логистика. Компанијата очекува околу 80% од производството на бакар да доаѓа од домашни ресурси, а остатокот од рудници во странство.

„По 2035 година, сакаме KGHM да биде модерна индустриска групација за повеќе суровини“, изјави извршниот директор Ремигиуш Пашкевич, додавајќи дека компанијата планира да изгради нов рудник наречен „KGHM 2.0“ во Полска.

Новата Стратегија, исто така, става нов акцент на операциите во странство. Од KGHM изјавија дека речиси 80% од планираните инвестиции ќе одат во нејзиниот основен бизнис во земјата, но остатокот ќе биде наменет за инвестиции во Чиле, САД и Канада. Се очекува да бидат потпомогнати рудникот „Сиера Горда“ во Чиле, во кој KGHM поседува 55% удел, и рудникот „Робинсон“ во Невада.

– Сакаме позицијата на нашите средства во странство да расте, бидејќи тоа го гради глобалниот кредибилитет на компанијата и отпорноста на структурните промени – рече заменик-извршната директорка Ана Собиерај-Козакиевич.

Претходно Европската Унија утврди над 47 стратешки проекти на тлото на Унијата, односно голем број рудници, во 13 земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија, за ископ на критични минерални суровини и за нив се предвидени забрзани процедури за дозволи. Забрзана процедура е предвидена и во нацрт законот кај нас, а од критичните минерали по кои трага ЕУ, Македонија може да се пофали со бакар, никел, антимон и други.

Поврзани содржини