МАКЕДОНИЈА ПОЧНА ГОЛЕМ ИНВЕСТИЦИСКИ ЦИКЛУС ВО ЕНЕРГЕТИКАТА Божиновска ги повика австриските компании да се вклучат во него

Министерката за енергетика и рударство ги информира австриските стопанственици што е реализирано изминатите две години во македонскиот енергетски сектор и потенцира дека Министерството им стои на располагање доколку се заинтересирани за какви било проекти.

0

Батериите, складирањето, водородот и расположливиот геотермален потенцијал се трите клучни сегменти од енергетиката во кои Македонија може да ја интензивира соработката со австриските компании – оцени денеска ресорната министерка Сања Божиновска на бизнис-форумот во Стопанската комора.

Како што истакна Божиновска, на земјата ѝ требаат инвестиции во инфраструктурата, особено изградба на далноводи.






Таа ги информира австриските стопанственици што е реализирано изминатите две години во македонскиот енергетски сектор и потенцира дека Министерството им стои на располагање доколку се заинтересирани за какви било проекти.

– Работиме на сите полиња од енергетиката. Постои платформа Just Transition, на која се претставени сите проекти во енергетиката во Македонија. Можете да видите за што се работи. Инвестициите се транспарентни, ги имаме ставено на нашата веб-страница, меѓутоа, ако сакате, тука сме секогаш за сите австриски инвеститори, може да ни се јавите и да продискутираме за плановите. Имаме гасни и проекти во инфраструктурата, во обновливи извори. Првпат со помош од ЕУ имаме и студија за водород. Знаеме дека во Австрија има успешни приказни и студии, дека можеме да научиме, зашто го немаме во Македонија, така што тука може да се соработува -рече Божиновска.

Таа се осврна и на гасниот интерконектор со Грција, како и на поврзувањето со Србија.

– Многу проекти беа закочени, не функционираа досега, како, на пример, гасот. Ќе се поврземе со Република Грција, се гради интерконекторот, го очекуваме в година во јуни и ќе почнеме со поврзување со Република Србија. Веќе 30 години само сме поврзани со Република Бугарија, сега ќе бидеме поврзани и од Република Грција, ќе бидеме алтернатива и ќе снабдуваме. Во Македонија ќе минува тој гас – рече Божиновска.

Божиновска говореше и за обновливите извори.

-Имаме 52% спроведена инсталирана моќност, што и за Европа е одлична бројка бидејќи сме над 50%. Тоа се таргетите за 2030, а ние веќе ги имаме исполнето, а во 2025 година 46% од целата произведена електрична енергија беа од обновливи. Сега имаме интерес од над 4.000 мегавати за оваа година во обновливи извори. Сите заедно придонесуваме во декарбонизацијата. Првпат ги дефиниравме батериите, системот за складирање, што е интересно за многу австриски компании, и веќе имаме интерес од 2.000 мегавати за оваа година. За следната година исто така имаме интерес – информира Божиновска на бизнис-форумот.

Поврзани содржини