МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА БАРААТ ЕУ ДА ГО ПОЧИТУВА НАШИОТ НАЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ Поднесена формална жалба до Урсула фон дер Лајен

Централниот совет на Македонците во Германија бара одлука на Европскиот совет со која изрично се утврдува дека прашањата на националниот јазик, идентитетот и на историјата не се составен дел на пристапните преговори.

0

Централниот совет на Македонците во Германија со седиште во Берлин поднесе формална жалба до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, поради тешки повреди на основните договори на Европската унија во рамките на преговорите за пристапување на Република Македонија.

Македонците во Германија бараат






бришење на упатувањата кон Протоколот од 17 јули 2022 година во преговарачката рамка за пристапување на Република Македонија, како и одлука на Европскиот совет со која изрично се утврдува дека прашањата на националниот јазик, идентитет и историја не се составен дел на пристапните преговори.

Оваа македонска организација со седиште во Берлин бара поведување постапка по член 7 од ДЕУ против Бугарија, односно постапка за повреда на договорите според член 258 од ДФЕУ.

Се бара и изрично институционално разјаснување од Европската комисија дека македонскиот јазик е самостоен, меѓународно признат јазик, како и обезбедување на реципрочност — Бугарија моментално игнорира 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои налагаат регистрација на македонските малцински организации во Бугарија.

Во продолжение, го објавуваме целото соопштение на јавност на оваа организација:

Берлин, 13 мај 2026 год.

Централниот совет на Македонците во Германија со седиште во Берлин денес поднесе формална жалба до претседателката на Европската комисија, г-ѓа Урсула фон дер Лајен, поради тешки повреди на основните договори на Европската унија во рамките на преговорите за пристапување на Република Македонија.

За Централниот совет на Македонците во Германија

Централниот совет на Македонците во Германија е регистрирано здружение според германското право со седиште во Берлин кое ги претставува и застапува граѓанките и граѓаните со македонско потекло кои живеат во Германија.

Правни основи на жалбата

Жалбата се однесува на идентитетско-политичките барања на земјата-членка Бугарија кои не се засноваат на правото на ЕУ (acquis communautaire), туку на билатерални национални интереси кои се во спротивност со духот на примарното право на Унијата. Конкретно, овие барања се содржани во Протоколот од втората заедничка владина седница меѓу Бугарија и Република Македонија од 17 јули 2022 година кој преку упатувања е вграден во преговарачката рамка за пристапување.

Според Централниот совет, идентитетско-политичките барања на Бугарија ги повредуваат следните одредби од примарното право на Унијата:

    • Член 2 од ДЕУ — основните вредности на Унијата, вклучително забраната на дискриминација по основ на етничко потекло и јазик. Македонскиот јазик поседува меѓународно признати ISO-кодови (ISO 639-1: mk; ISO 639-2: mac/mkd) и е признат од Обединетите нации, ОБСЕ и бројни институции на ЕУ. Германскиот Бундестаг во натпартиска одлука (Drucksache 20/7203, јули 2023) изрично ги потврди постоењето на македонската култура, идентитет и јазик.
    • Член 4 став 2 од ДЕУ — почитувањето на националниот идентитет на државите. Барањето Република Македонија да го адаптира својот јазик и историски наратив кон бугарската интерпретација на историјата претставува флагрантно непочитување на националниот идентитет на земјата-кандидат.
    • Член 49 од ДЕУ — преговорите за пристапување мораат да се водат врз основа на правото на ЕУ. Прашањата на националниот јазик, идентитет и историја не се составен дел на acquis communautaire. Користењето на правото на вето од страна на Бугарија за наметнување на билатерални идентитетски барања претставува злоупотреба на пристапната постапка.

– Член 21 од ДЕУ — кохерентноста на надворешната политика на Унијата. Блокадата ја загрозува регионалната стабилност на Западен Балкан, при што настанатиот вакуум го користат актери како Русија, Кина и Турција за проширување на своето влијание.

Засегнати лица што ги претставува Централниот совет

Централниот совет ги претставува следните групи на лица, кои се непосредно и на посебен начин погодени од оспорувањето на постоењето на македонскиот јазик:

– преведувачки и преведувачи кои положиле државни испити и се судски овластени, толкувачки и толкувачи за македонскиот јазик, чии квалификации се стекнати преку испитни органи на германските сојузни покраини (особено Хесен, Баварија, Северна Рајна-Вестфалија и Берлин);

– јазични посредници кои работат за германски органи, судови, социјални установи, болници и образовни институции;

– наставнички и наставници по македонски јазик во рамките на дополнителната наставата по мајчин јазик (Herkunftssprachlicher Unterricht — HSU);

– ученички и ученици кои го изучуваат македонскиот јазик како наставен предмет во германските училишта.

Зошто може да настане структурна правна несигурност

Доколку позицијата на Бугарија — според која македонскиот јазик не претставува самостоен јазик — добие институционално признание во контекстот на ЕУ, ќе настане конкретна правна несигурност за лицата од македонско потекло во Германија и во целата Унија. Не би било исклучено германските училишни свидетелства во кои македонскиот јазик е наведен како наставен предмет да бидат доведени во прашање во нивната доказна вредност во рамките на внатре-европскиот промет — при аплицирања, при признавањето на студиските постигнувања или во рамките на признавањето на професионалните квалификации според Директивата 2005/36/EЗ.

Истовремено, евентуалното толкувањето од страна на ЕУ на македонскиот јазик како нешто друго освен самостоен јазик би можело долгорочно да ја еродира правната основа за признавањето на сите квалификации, свидетелства и овластувања поврзани со македонскиот јазик. Особено чувствителни се ситуациите на прекугранично признавање на професионалните квалификации, во кои признавањето на јазичните квалификации во друга земја-членка зависи од неспорното постоење на соодветниот јазик како самостоен јазик.

Македонскиот јазик во германскиот образовен систем

Во Германија македонскиот јазик е составен дел од образовниот систем. Во рамките на дополнителната настава на мајчин јазик (Herkunftssprachlicher Unterricht), македонскиот јазик се изучува како наставен предмет во германските училишта и се внесува во официјалните училишни свидетелства кои имаат правосилно значење во смисла на германското управно право.

Покрај тоа, во германските сојузни покраини — особено во Хесен, Баварија, Северна Рајна-Вестфалија и Берлин — се спроведуваат државни испити за преведувачи и толкувачи за македонскиот јазик. Стекнатите квалификации се документирани преку официјални државни исправи и овластуваат за работа како судски овластени преведувачи и толкувачи пред германските органи, судови и нотари. Овие квалификации почиваат на полноважни управни акти на сојузните покраини и претставуваат правно загарантирани професионални овластувања.

Конкретни барања до Европската комисија

Централниот совет бара од Европската комисија:

1. Бришење на упатувањата кон Протоколот од 17 јули 2022 година во преговарачката рамка за пристапување на Република Македонија;

2. Одлука на Европскиот совет со која изрично се утврдува дека прашањата на националниот јазик, идентитет и историја не се составен дел на пристапните преговори;

3. Покренување постапка по член 7 од ДЕУ против Бугарија, односно постапка за повреда на договорите според член 258 од ДФЕУ;

4. Изрично институционално разјаснување од Европската комисија дека македонскиот јазик е самостоен, меѓународно признат јазик;

5. Обезбедување на реципрочност — Бугарија моментално игнорира 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои налагаат регистрација на македонските малцински организации во Бугарија.

Завршна оценка

Република Македонија на својот пат кон членството во ЕУ направи исклучително далекусежни отстапки кои не и биле наметнати на ниту една друга земја-кандидат — промена на државното знаме, сериозни уставни измени и конечно болната промена на државното име со Преспанскиот договор од 2018 година.

Понатамошни отстапки кои го засегаат идентитетот на Македонките и Македонците во неговата суштина повеќе не би биле прифатливи. Централниот совет апелира до Европската комисија да дејствува во рамките на својата надлежност како чувар на договорите на ЕУ.

Поврзани содржини