ЛУКСУЗЕН КРУЗЕР ГИ ИСТОВАРИ СИТЕ ПАТНИЦИ ВО КАМБОЏА Трошоците за гориво станале превисоки
Бродот исплови од Белфаст во октомври 2024 година, со план во текот на три и пол години да посети речиси 150 земји.
Луксузниот крстосувач „Villa Vie Odyssey“, кој требаше три и пол години да плови околу светот, ненадејно го прекина патувањето поради наглиот скок на цените на горивото.
Околу 200 патници мораа да се симнат во градот Сихануквил во Камбоџа, додека американската компанија што управува со бродот се обидува да пронајде начин да го спаси бизнисот.
Трошоците за гориво драстично пораснаа по избувнувањето на војната со Иран. Според наводите на компанијата Villa Vie Residences, месечниот трошок за гориво по кабина во одделни делови од Азија достигна 8.000 долари, додека претходно изнесуваше околу 1.800 долари.
Компанијата се обиде да ја намали потрошувачката со забавување на пловидбата и подолго задржување во пристаништата, но ниту тоа не било доволно. Како што соопштија, не беше можно целото зголемување на трошоците да се префрли врз патниците.
Компанијата најави дека во наредните 60 дена ќе се обиде да спроведе финансиско преструктурирање и да прибере дополнителен капитал, но предупреди дека не е сигурно дали ќе успее во тоа.
Бродот исплови од Белфаст во октомври 2024 година, со план во текот на три и пол години да посети речиси 150 земји.
Самиот почеток на патувањето веќе беше одбележан со проблеми. Поради поправки на бродот, тргнувањето доцнеше со месеци, патниците останаа заглавени во Белфаст, а компанијата претрпе милионски загуби.
Пред прекинот на пловидбата, бродот мина повеќе од 750 дена на патување околу светот.
Патници раскажаа за Би-би-си дека директорот на компанијата во шест часот наутро ги известил дека мора да го напуштат бродот до 14 часот истиот ден.
Финансиските тешкотии на компанијата веќе им беа познати, а претходно се појави и потенцијален инвеститор кој го проверуваше работењето. Меѓутоа, договор на крајот не беше постигнат.
Една патничка наведе дека патниците претходно биле замолени да разгледаат плаќање дополнителен надоместок за гориво, додека планот за патување веќе беше значително скратен. Некои одлучија да го напуштат бродот и да го продолжат патувањето по копно.
Симнувањето во Сихануквил дополнително го отежнува фактот што градот се наоѓа далеку од голем меѓународен аеродром. Патниците се сместени во хотели и чекаат нови информации за судбината на бродот.
„Villa Vie Odyssey“ на патниците им нудеше ресторани, барови, базен и терен за пиклбол.
Кабините за постојан престој се продаваа по цени од 120.000 до 440.000 долари, додека месечниот наем чинеше од 3.500 долари.
Компанијата нудеше и програма за доживотен престој на море, наменета за луѓе кои сакаат пензионерските денови да ги минат патувајќи низ светот.
Засега не е познато дали крузерот повторно ќе исплови или финансиските проблеми ќе значат крај на проектот кој на патниците им ветуваше живот на непрекинато патување.