📽️ ЛАВОВИТЕ ОД ПРЕСТОН ГАЗАТ НИЗ АВСТРАЛИЈА Со пресврт и 4 гола до четвртфиналето на Купот
Само четири дена по освојувањето на Докерти купот, Престон лајонс ја продолжи победничката серија. Следува голема четвртфинална пресметка со Саут Мелбурн.
Фудбалерите на Престон лајонс ѝ приредија нова радост на македонската заедница во Австралија. Клубот избори четвртфинале во Купот на Австралија со убедлива победа од 4:1 против Бранзвик Јувентус.
Успехот дојде само четири дена по освојувањето на Докерти купот во сојузната држава Викторија.
Бранзвик Јувентус поведе преку Нух Шехавдиќ во 26. минута. Но, Престон направи целосен пресврт уште пред паузата.
„Лавовите“ израмнија со автоголот на Лахлан Кемпбел во 36. минута. Само две минути подоцна Џамал Али погоди за 2:1.
Лејтон Брукс го зголеми водството во судиското продолжение од првото полувреме. Конечните 4:1 ги постави Џонас Марковски во 80. минута.
Престон лајонс, клуб формиран во 1947 година како Престон Македонија, сега го чека нов голем предизвик.
Саут Мелбурн ќе гостува кај Престон на 18 август. Победникот ќе обезбеди место во полуфиналето на Купот на Австралија.