ЛАДЕН ТУШ ОД ПЕСКОВ ПО НАЈАВИТЕ НА ПАРИЗ И БРИСЕЛ Европејците немаат столче на преговорите во Абу Даби
Франција најави дека ќе учествува во разговорите за Украина, додека Европската Унија потврди дека испраќа свои претставници. Москва, сепак, инсистира дека на преговарачката маса ќе седат само Русија, Украина и САД.
Европските претставници нема да учествуваат во трилатералните преговори за завршување на војната во Украина, закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби. Ова е пораката на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во очи на најавите од Париз и од Брисел дека Европа ќе биде присутна.
Песков изјави дека разговорите ќе се водат меѓу Русија и Украина, со посредство на Соединетите Американски Држави.
– Што се однесува до европското присуство, знаете дека Американците имаат свои канали за комуникација со Европејците, а Украинците имаат свои канали за комуникација со Европејците и очигледно веќе го градат својот механизам за координација. Но, повторувам, зборуваме за трилатерални преговори – изјави Песков.
Советникот на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков, претходно бил уште покатегоричен. Според „Асошиејтед прес“, тој изјавил дека Европејците нема да добијат покана за преговарачката маса и дека, дури и ако допатуваат во Абу Даби, нема да им биде дозволено да влезат во просторијата во која ќе се одржуваат разговорите.
На прес-коференцијата портпаролот на Кремљ се осврна и на изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, дека војната би можела наскоро да заврши, но дека Украина по мировниот договор би можела да има поинакви граници.
Запрашан дали Трамп мислел на територијални промени или на промени во политичкиот систем на Украина, Песков одговори дека тоа прашање треба да му се постави на американскиот претседател.
– Би препорачал да ги упатите вашите прашања до претседателот Трамп. Што се однесува до обликот на Украина, географски, таа е веќе поинаква земја. Реалностите на терен се очигледни и малку е веројатно дека некој може да ги негира – рече Песков.
Изјавите на Песков доаѓаат само еден ден откако францускиот министер за Европа и надворешни работи, Жан-Ноел Баро, најави дека Франција ќе учествува во разговорите во Абу Даби.
Претседателката на Европската комисија исто така потврди дека ЕУ ќе биде присутна во Абу Даби. Според „Евроњуз“, претставници ќе испратат и Франција, Германија и Велика Британија.