„КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК НЕ ПОЗНАВА ВЕРИЖНИ ПРОПУСТИ“ Партијата на Ахмети бара праведна истрага за трагедијата во Кочани
Концептот на верижни пропусти што довеле до трагедијата не постои во терминологијата на Кривичниот законик. Секоја лиценца за вакви објекти се обновува на годишно ниво, земајќи ги предвид специфичните услови за таа година. Затоа, неточно е да се тврди дека постои континуирана одговорност без прекин низ годините, велат од ДУИ
Демократската унија за интеграција (ДУИ), во врска со одлуката на Јавното обвинителство за 30-дневен притвор на поранешниот министер Крешник Бектеши и други претставници на претходната влада за случајот со пожарот во Кочани, вечерва во соопштение појаснува, како што велат од партијата, неколку клучни аспекти и оценува дека „процесот е неоснован, политички мотивиран и селективен“.
Порачува дека е неопходна длабинска и непристрасна истрага.
„Прво, концептот на верижни пропусти што довеле до трагедијата не постои во терминологијата на Кривичниот законик. Секоја лиценца за вакви објекти се обновува на годишно ниво, земајќи ги предвид специфичните услови за таа година. Затоа, неточно е да се тврди дека постои континуирана одговорност без прекин низ годините“, велат од ДУИ.
Второ, и најважно, како што посочуваат во партиското соопштение, во ноќта на трагедијата, клубот работел без никаква лиценца, веќе една година немал легитимна лиценца, а дури и фалсификуваната веќе била истечена.
„Ова подразбира дека главната одговорност лежи кај оние кои требало да го спречат функционирањето на ноќен клуб без лиценца таа кобна ноќ“, се истакнува во соопштението.
Според ДУИ, потребна е длабинска и непристрасна истрага за да се утврди како објект без лиценца можел да работи и да ги загрози животите на стотици млади луѓе.
Трето, како што велат, треба да се истакне дека издадените лиценци во минатото биле за кабаре, кое има специфични критериуми и ограничувања во бројот на дозволени лица.
„Ноќен клуб е сосема поинаква категорија, и присуството на над 650 млади луѓе во таков простор е надвор од секој безбедносен стандард, што, пак, јасно упатува на свесна или несвесна негрижа изминатава година, од страна на бројни актуелни државни органи“, наведено е во соопштението.
Од ДУИ изразуваат загриженост, како што велат, „за неприфатливата супремација на Владата врз Обвинителството, што ја наруши довербата во истражниот процес“.
Фактот, како што е наведено во партиското соопштение, дека од 35-те приведени лица, само еден или двајца се актуелни функционери, отвора сомнежи за селективна правда.
„Бараме правните процеси да бидат праведни, транспарентни и засновани на закон, без влијание од терминологија која не постои правната терминологија и кривичниот законик“, нагласуваат од ДУИ.
Во ова време на жалост, како што истакнуваат од ДУИ, не сакаат да влегуваат во обвинувања, туку имаат за цел да им објаснат на граѓаните дека овој процес е неоснован, политички мотивиран и селективен, што може дополнително да ја комплицира и влоши ситуацијата.
„Стоиме покрај граѓаните и погодените семејства, барајќи правда и транспарентност во расветлувањето на оваа трагедија“, се наведува во соопштението од ДУИ, од каде воедно изразуваат сочувство до семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани.