„КОГА ЈАС БИ ГО ПРЕЗЕЛ СЛУЧАЈОТ, ИСТРАГАТА БИ ТРАЕЛА 24 ЧАСА“ Мицкоски инсистира на драконски казни за скандалот на Онкологија

692

Без сериозна поддршка од високо позиционирани политички фигури случајот со Онкологија е невозможно да се изведе, изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод отворањето на новата општинска зграда на Општина Петровец.

– Не може мене никој да ме убеди дека на неколку медицински работници и криминални директори им текнало, на маката на болните од рак, наместо да го добијат медицинскиот третман, да ги препродаваат тие лекарства, да ги шверцуваат и на тој начин да заработуваат. Не се само тие неколкумина, без озбилна поддршка од високо позиционирани политички фигури ова е невозможно да се изведе – вели Мицкоски.






Наместо да се развлекува, додава Мицкоски, истрагата би требало да трае 24 часа, а сторителите веднаш да бидат изведени пред лицето на правдата.

– Кога јас би го презел случајот, истрагата би траела 24 часа и наместо да се развлекува истрагата би ја скратил и сите оние кои се сторители на ова монструозно кривично дело веднаш би ги извел пред лицето на правдата, а од името на истражните органи, над кои што државата има ингеренции, би инсистирал за драконски казни, но се разбира дека последно е на судовите – рече Мицкоски.

На новинарско прашање за проблемите во образованието, Мицкоски рече дека како човек којшто е дел од образовниот процес може да констатира дека генерации млади луѓе се „осакатени“ поради тоа што, како што нагласи, власта сака преку злоупотреба на тендери и наместени тендери да се богати и тоа е причината зошто доцнат учебниците.

Мицкоски исто така додаде дека во оваа ситуација се поставува прашањето што правеше цела една година Министерството за образование и наука за да на 1 септември им текне дека учебниците не се испечатени.

– Можам да констатирам дека само криминал и неспособност е во позадина на она што веќе неколку години по ред ни се случува откако е владата на ДУИ и СДСМ – изјави Мицкоски.

 

 

Поврзани содржини