КИНА МУ ПОРАЧА НА ТРАМП ДА НЕ СЕ МЕША ВО СОРАБОТКАТА НА ПЕКИНГ СО МОСКВА Нелегални се најавените санкции за државите што купуваат руска нафта и гас
Кина традиционално развива нормална трговска и економска соработка со сите земји во светот врз основа на рамноправност и заемна корист, рече портпаролот на кинеското МНР во врска со новите американски санкции за Русија.
Кина остро се спротивстави на новиот пакет-санкции на САД против Русија, порачувајќи му на Вашингтон да не се меша во легитимната соработка на Пекинг со трети земји.
Новиот пакет-санкции му дава на американскиот претседател Доналд Трамп широки овластувања да воведува царини на земјите што купуваат руска нафта и гас.
– Кина се спротивставува на нелегалните еднострани санкции, кои немаат основа во меѓународното право или одобрение од Советот за безбедност на ОН – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун.
Одговарајќи на новинарско прашање Гуо рече дека Кина традиционално развива нормална трговска и економска соработка со сите земји во светот врз основа на рамноправност и заемна корист.
– Таа соработка не е насочена против трети страни и не смее да биде предмет на мешање или принуда од трети страни – рече Гуо.
Амбасадата на Кина во Вашингтон објави дека Пекинг се спротивставува на едностраните рестриктивни мерки и на екстратериторијалната примена на американските закони.
– Кина се спротивставува на екстратериторијалната примена на националното законодавство и едностраните санкции кои не се засновани на меѓународното право и кои не се одобрени од Советот за безбедност на ОН – рече претставникот на кинеската амбасада Лиу Чанг.
Пекинг порача дека економската и трговската соработка на Кина со Русија и други земји не треба да биде предмет на притисок од трети страни.