КИНА ГИ ОХРАБРИ ПРЕГОВАРАЧИТЕ, АРАГЧИ ГИ ПОФАЛИ ПОСРЕДНИЦИТЕ Успешно заврши првата рунда преговори во Швајцарија меѓу САД и Иран
Двете земји медијатори, Пакистан и Катар, во заедничка изјава соопштија дека самитот за езерото Луцерн се одржал во „позитивна и конструктивна атмосфера“.
Пакистан и Катар објавија значителен напредок во дипломатските напори меѓу САД и Иран, по првата рунда разговори на високо ниво што се одржа на самитот во Швајцарија. По состанокот, Кина ги повика САД и Иран да продолжат со соработката со цел да се постигнат позитивни резултати, пишува агенцијата Анадолија.
Двете земји медијатори, Пакистан и Катар, во заедничка изјава соопштија дека самитот за езерото Луцерн се одржал во „позитивна и конструктивна атмосфера“.
Разговорите меѓу делегациите на САД и Иран во Швајцарија се одржаа во позитивна и конструктивна атмосфера. Техничките разговори за сите прашања ќе продолжат до крајот на неделата во швајцарското одморалиште Биркеншток, се наведува во заедничкото соопштение на Катар и Пакистан, кои посредуваат во разговорите.
Во соопштението, кое го испрати Министерството за надворешни работи на Катар, се наведува дека вчера на разговорите на високо ниво, во рамките на меморандумот за разбирање потпишан од САД и Иран минатата недела, е постигнат охрабрувачки напредок, вклучително и воспоставување механизам за понатамошни технички разговори, пренесуваат агенциите.
Се додава дека двете страни постигнале договор за формирање комитет на високо ниво, кој ќе обезбеди политички надзор над посредништвото во преговорите.
Кина, исто така, ја поздрави веста за напредокот. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, им рече на новинарите во Пекинг дека се надева оти САД и Иран ќе го одржат позитивниот моментум во преговорите и ќе работат кон истата цел за постигнување позитивни резултати. Гуо додаде дека Кина ги поддржува напорите за посредување на Пакистан, Катар и сите релевантни страни за трајно завршување на војната на САД против Иран.
Долгоочекуваните директни разговори меѓу американската и иранската делегација се одржаа во Бургеншток. Американската делегација ја предводеше потпретседателот Џеј-Ди Венс, а иранската делегација претседателот на парламентот Мохамед Бакер Калибаф. Целта на состанокот беше да се разговара за начините за спроведување на Меморандумот за разбирање од Исламабад, кој беше потпишан на 17 јуни.
По разговорите, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ја пофали улогата на Пакистан и Катар. Тој истакна дека преговорите со САД донесоа значителен напредок кон завршување на војната во Либан и ублажување на притисокот врз иранската економија.
На социјалната мрежа Икс, Арагчи објави:
„Неуморното посредништво на Пакистан и Катар донесе голем напредок кон завршување на војната во Либан. Извозот на нафта и петрохемиски производи е ослободен од ограничувања, блокадата е укината, некои замрзнати средства се ослободени и е започнат голем план за обнова и развој на Иран“.