КАВАДАРЦИ ДОБИВА САЛА ЗА ГИМНАСТИКА И КАРТИНГ – ПАТЕКА Парите за двата објекта се од вториот повик на владата за општините

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски денеска присуствуваа на поставувањето камен-темелник на салата за гимнастика која ќе содржи и куглана и други пропратни објекти.

20

Кавадарци ќе добие два нови спортски објекта од вториот повик на Владата. Едниот е во подготовка, а за другиот  денеска беше поставен камен темелник, на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.

Камен темелник беше поставен на нов објект во рамки на Спортски центар „Јасмин“. На површина од 1.000 квадратни метри во основа, со подрум, приземје и кат ќе има куглана, бифе, сала за гимнастика, како и апартмани за сместување на спортисти на горниот кат. За тоа ќе се потрошат  118.000.000 денари, целосно преку Влада – втор повик и претставува голем чекор напред за спортот и развојот на општината.






Премиерот изврши увид и на уште една локација во Кавадарци каде што во тек се подготовките на просторот за изградба на новата картинг – патека во месноста Моклиште. Комплексот ќе се простира на површина од 2.700 квадратни метри и покрај современата картинг-патека, ќе содржи и пропратни објекти што ќе овозможат комплетно спортско и рекреативно доживување за посетителите

Со овој проект градот ќе добие нова спортско-рекреативна содржина што досега недостасуваше во регионот – место за адреналин, дружење и развој на мото-спортот. Инвестицијата е во висина од 35 247 407 денари.

Премиерот Мицкоски во изјавата за медиуми нагласи дека успешноста се мери со економските параметри и потсети дека преку повиците на владата за користење на пари од страна на општините се финансираат  1.200 проекти на целата територија на државата.

– Ние планираме да продолжиме и во годините коишто следат на овој начин да функционираме како Влада, бидејќи цениме дека успешните проекти треба да бидат продолжени, а ние препознавме дека овие проекти донесоа додадена вредност врз квалитетот на животот на граѓаните. Нека е со среќа почетокот на изградбата на овој објект и отприлика, како што ми кажа градоначалникот, за година дена да се собереме повторно овде и да го пуштиме во употреба – рече Мицкоски.

Министерот за спорт Ристовски рече дека станува збор за два спортски инфраструктурни проекти што се доста важни за подобрувањето на спортската инфраструктура.

– Ние денеска почнуваме со градби, за Македонија утре да може да создава шампиони на коишто сите ќе се радуваме, ќе нè направат горди и на крајот на денот, ќе се претворат во успешни луѓе коишто ќе ја претставуваат, ќе си ја сакаат својата татковина – нагласи Ристовски.

Градоначалникот Митко Јанчев се заблагодари на максималната поддршка од Владата и на министерот за спорт, бидејќи преку ова ресорно министерство се и двата проекти.

Јанчев се осврна и на проектите што се отпочнати и на оние што допрва следуваат, а се од огормна важност за регионот и за општина Кавадарци. Реконструкција на отворен базен, изградба на објект за биохрана, затворен базен и спа-центар. Градоначалникот ги спомена и првата фаза на гасификација, домот за стари лица, дневен центар за лица со телесна и ментална попреченост.

Поврзани содржини