ЗАГИНА 56-ГОДИШЕН ВОЗАЧ НА КАМИОН Товарно возило заврши во провалија при истовар на земја
Товарно возило се превртело при истовар на земја во близина на селото Мрежичко, по што паднало во провалија. Во несреќата животот го загубил 56-годишниот возач, а во извлекувањето на телото и возилото учествувал и алпинистички тим на САЕ „Тигар“.
Педесет и шестгодишен возач од Кавадарци загина во тешка несреќа што вчера попладне се случила во близина на селото Мрежичко, кога товарно возило се превртело при истовар на земја и паднало во провалија.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Велес околу 13 часот.
Несреќата се случила додека товарно возило „ман“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од И.К. (56) од Кавадарци, вршело истовар на земја. Во еден момент возилото се превртело и паднало во провалија.
Возачот починал на местото на несреќата од здобиените повреди, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Кавадарци.
Во извлекувањето на телото на починатиот и товарното возило учествувале алпинистички тим од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, полициски службеници од ОВР Кавадарци и припадници на Територијалната противпожарна единица Кавадарци.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кавадарци, а причините за трагичниот настан се утврдуваат.