📽️ „БЕ-ЕМ-ВЕ“ ИМ ДОВЕРИ ВИСТИНСКА РАБОТА НА ЧОВЕКОВИДНИ РОБОТИ Не ги заменуваат луѓето, туку работат покрај нив

Човековидни роботи веќе сортираат делови и учествуваат во секојдневното производство во фабриката на „Бе-ем-ве“ во Спартанбург, САД. Германскиот производител вели дека новата генерација машини нема задача да ги замени работниците, туку да ги преземе најмонотоните и физички најтешките работи.

0

„Бе-ем-ве“ почна да ја користи најновата верзија на роботот „Фигјур 03“, развиен од американската компанија „Фигјур“, две години откако првпат ги воведе човековидните роботи во производството.

Новите роботи ќе работат во логистичкиот дел од фабриката, каде што секојдневно пристигнуваат огромни количини несортирани компоненти.

Нивната задача е да ги препознаат деловите, да ги издвојат еден по еден и да ги подредат во специјални колички. Оттаму, компонентите ги преземаат автоматизирани транспортни системи и ги носат до производните линии каде што работниците ги вградуваат во новите возила.

Според компанијата, роботите се дизајнирани да работат рамо до рамо со луѓето, а не наместо нив.

– Фабриката во Спартанбург е родно место на човековидната роботика во секојдневното работење на „Бе-ем-ве“. По успешниот пилот-проект со „Фигјур 02“, со нетрпение очекуваме да го користиме „Фигјур 03“ во логистиката – изјавил Улрих Виланд, потпретседател за контрола на производството и логистика.

Од заварување до самостојно носење одлуки

Новата генерација не доаѓа од нула. Во претходната пилот-фаза роботите „Фигјур 02“ работеа во сервисот за каросерии, каде што вметнувале метални делови во процесот на заварување.

Во текот на десет месеци помогнале во производството на повеќе од 30.000 возила од моделот „Икс 3“.

Сега нивната улога е уште посложена. Наместо да повторуваат една иста задача, роботите треба самостојно да препознаваат различни делови, да ги сортираат и да комуницираат со автоматизираните транспортни системи.

„Да ги заштитиме луѓето, а не да ги замениме“

Додека растат стравувањата дека роботите ќе им ги одземат работните места на луѓето, „Бе-ем-ве“ тврди дека има поинаква цел.

Компанијата ги опишува човековидните роботи како надградба на постојната автоматизација и алатка за извршување на работи што се монотони, физички напорни или безбедносно ризични.

Намерата, велат од компанијата, е да се заштитат вработените и нивните вештини да се користат таму каде што носат најголема вредност.

Фабриката што личи на поглед во иднината

Спартанбург веќе е една од најтехнолошки напредните фабрики на „Бе-ем-ве“. Освен роботите, таму се користат системи со вештачка интелигенција кои создаваат детални тридимензионални симулации на производството и т.н. виртуелни фабрики.

Со влегувањето на „Фигјур 03“ во редовна работа, фабриката станува едно од првите места во автомобилската индустрија каде што човековидните роботи не се демонстрација за јавноста, туку дел од секојдневниот производствен процес.

Поврзани содржини