Од 74 пријавени идеи, преку стручна селекција и избор на пет проекти за реализација, до фаза во која и граѓаните го даваат својот глас – платформата „Иднина која инспирира“ на dm drogerie markt продолжува со следниот чекор во поддршката на иницијативи што можат да донесат конкретна и долгорочна промена во заедницата.
Во оваа фаза, до 27 септември 2026 година, граѓаните можат директно да се вклучат и да изберат кој од три дополнителни проекти ќе добие поддршка од dm. Во изборот се „Силата е во младите“, „Природа што нè поврзува“ и „Простор за раст“ – три различни иницијативи кои ги поврзуваат волонтерството, активното учество на граѓаните и желбата да се создадат подобри услови за живот во локалните заедници. Вашиот глас може да го дадете на следниот линк
Проектот „Силата е во младите“ на Здружението за екологија, еколошка едукација и еколошка обединетост „За почиста Македонија“ е насочен кон активно вклучување на децата и младите во грижата за животната средина. Преку еколошки чистки во скопските населби, работилници, дискусии и видеосодржини, иницијативата има цел да ја подигне свеста за зачувувањето на чистата животна средина и да ги поттикне младите самите да станат носители на позитивни промени.
Со „Природа што нè поврзува“, Центарот за регионален одржлив развој од Неготино планира запуштен и неискористен простор да го преобрази во зелено и функционално место за одмор, рекреација и дружење. Преку волонтерски акции ќе се расчистува и уредува локацијата, ќе се садат дрвја и растенија, ќе се поставуваат клупи и други практични елементи, а предвидени се и едукативни и креативни активности со кои просторот треба да стане трајно зелено катче за локалната заедница.
Третата иницијатива, „Простор за раст“ на Здружението за едукација, развој, јакнење и вмрежување „ЕДЕН ХАБ“ од Прилеп, предвидува мапирање, уредување и активирање недоволно искористени простори во Прилеп, Кривогаштани и неколку општини на територијата на Град Скопје. Преку заеднички волонтерски акции, тие треба да прераснат во достапни центри за учење, креативност, развој на практични вештини, ментална благосостојба, активно граѓанство и меѓусебна поддршка.
Токму во оваа фаза гласот на граѓаните станува конкретен дел од изборот. Со гласањето тие не само што избираат една од трите идеи, туку покажуваат каква промена сакаат да видат во својата средина и на која иницијатива сакаат да ѝ дадат дополнителен поттик. Еден глас може да значи повеќе млади вклучени во грижата за животната средина, нов живот за запуштен јавен простор или создавање нови места за учење, поврзување и заедничко дејствување.
Гласањето е продолжение на поширокиот процес на „Иднина која инспирира“. На конкурсот, кој беше отворен од 2 март до 31 јули 2026 година, беа пријавени вкупно 74 проекти, по што следуваше стручно оценување од 5 до 21 август. Во жирито учествуваа Гоце Калинов од „Ретвитни оброк“, Далиборка Златева, претседател на „Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес“, Ико Брдаровски, менаџер за грижа на корисници во „Пакомак“, како и тројца претставници на dm.
По стручното оценување, пет проекти веќе добија финансиска поддршка од dm во вкупна вредност од 2,9 милиони денари. Меѓу нив се „Охрид Еко 2027“ на Нуркачкиот центар „Амфора“, насочен кон подводни акции за отстранување отпад од Охридското Езеро; „Херои на солидарноста: Тегла Плус за нашата заедница“ на Здружението „Љубезност“, со фокус на поддршка на ранливите категории граѓани; „Поддршка блиску до тебе – Заедно до правата“ на Македонското здружение на млади правници, преку кој ќе се обезбедуваат бесплатни правни совети и практична помош за лица и семејства во социјален ризик; „Заедно сме шампиони – инклузија преку спорт“ на Специјална Олимпијада – Македонија; како и „DM HUB – Центар за благосостојба и грижа Грижа за себе. Грижа за другите. Грижа за заедницата. на Центарот за истражувања и анализи НОВУС.
Преку „Иднина која инспирира“, dm ги поврзува стручната селекција, финансиската поддршка, волонтерскиот ангажман и гласот на граѓаните во една заедничка цел – идеите што одговараат на реалните потреби на заедницата да добијат можност да прераснат во конкретни и одржливи промени.