ИРАН ПОНУДИЛ НОВ МИРОВЕН ПРЕДЛОГ ДО САД Вашингтон паралелно разгледува воен одговор
Техеран ја пренел својата најнова позиција до Вашингтон преку Пакистан, кој посредуваше во првата рунда директни преговори минатиот месец, објави во петокот државната агенција ИРНА.
Иран достави нов предлог за преговарачка рамка до Пакистан, кој е посредник во процесот на мировните преговори меѓу Техеран и САД, јави ИРНА, повикувајќи се на ирански дипломатски извори.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, во петокот изјави дека прекинот на војната и постигнувањето траен мир се приоритет на Техеран во разговорите со Вашингтон. Како што се наведува, примирјето меѓу Иран, САД и Израел беше воспоставено на 7 април со цел да се овозможи дипломатско решение, а подоцна беше продолжено на неодредено време.
Преговорите меѓу Техеран и Вашингтон се одржаа на 11 април во Исламабад, со учество на делегации предводени од претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Калибаф и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, но без постигнување договор.
Техеран ја пренел својата најнова позиција до Вашингтон преку Пакистан, кој посредуваше во првата рунда директни преговори минатиот месец, објави во петокот државната агенција ИРНА.
Судбината на Ормускиот теснец — преку кој пред војната минуваше околу една петтина од светската нафта и течниот природен гас — е во сржта на актуелниот застој. И Иран и САД сигнализираат дека чекаат прво другата страна да повлече потег пред да се согласат да ги олеснат ограничувањата за сообраќај.
ИРНА не даде детали за тоа што опфаќа иранскиот предлог по клучните прашања, како што се Ормускиот теснец или нуклеарните активности на Иран.
Белата куќа денеска соопшти дека нема да изнесува детали за приватни дипломатски разговори, одговарајќи на прашањето за новиот предлог на Иран упатен до САД преку посредникот Пакистан.
– Не изнесуваме детали за приватни дипломатски разговори. Претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје, а преговорите продолжуваат со цел да се обезбеди краткорочната и долгорочната национална безбедност на САД – изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кили за Ројтерс.
Трамп во четвртокот изјави дека блокадата на иранските пристаништа ѝ ги одзема неопходните приходи од нафта на Исламската Република, тврдејќи дека притисокот ќе го натера Техеран повторно да седне на преговарачката маса.
Во исто време, од Вашингтон доаѓаат сигнали дека, покрај дипломатијата, се разгледуваат и воени опции. „Фокс њуз“ објавува дека командантот на американскиот ЦЕНТКОМ, адмирал Бред Купер, му ги претставил на претседателот Доналд Трамп можните сценарија за таканаречениот „финален удар“ врз Иран.
Пентагон, исто така, размислува за зајакнување на своето воено присуство во регионот, вклучително и распоредување на напредни системи како што е хиперсоничната ракета „Dark Eagle“, со дострел од околу 2.700 километри. Во меѓувреме, бомбардерите Б-1Б Лансер веќе го зголемија своето присуство на Блискиот Исток.