ИЛИЈА АНДОВСКИ, ПРИВРЕМЕН АДМИНИСТРАТОР НА „АЛТА БАНКА“ Тројца вработени од НБМ ќе раководат со банката
Една од првите обврски на тројцата администратори ќе биде да ја утврдат целокупната состојба во „Алта банка“. За тоа имаат рок од 21 ден од денот на нивното именување, по што треба да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.
Со решение на Извршниот одбор на Народната банка, објавено во „Службен весник“ на 1 ноември, се воведува администрација врз „Алта банка“ АД Битола од страна на Централната банка, поради околности кои, како што се наведува во решението, можат сериозно да ја загрозат нејзината солвентност.
Тројца вработени во Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, се именувани за администратори во „Алта банка“ АД Битола, со што практично управувањето со банката преминува во рацете на централната банка. Тројцата администратори имаат еднакви овластувања, но решението предвидува Илија Андовски да биде лицето кое ќе ги потпишува одлуките донесени во рамките на администрацијата.
Илија Андовски е долгогодишен кадар на Народната банка и банкарски експерт. Според податоци за вработените во Народната банка од мај 2025 година, тој бил директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање.
Со именувањето на администраторите, досегашните органи на управување и надзор во банката ги губат своите надлежности во корист на лицата назначени од Народната банка. Администраторите ги преземаат овластувањата на Управниот одбор, Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот на банката.
Решението предвидува и можност за вклучување на Министерството за внатрешни работи, односно полицијата, доколку администраторите бидат спречени да влезат во деловните простории или доколку некој го попречува извршувањето на нивните надлежности.
Една од првите обврски на тројцата администратори ќе биде да ја утврдат целокупната состојба во „Алта банка“. За тоа имаат рок од 21 ден од денот на нивното именување, по што треба да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.
Администрацијата е воведена за период од три месеци, сметано од денот кога решението ќе ѝ биде доставено на банката. Во текот на овој период, администраторите ќе мора да работат според законите и писмените упатства и насоки на Извршниот одбор на Народната банка.