„Новоматик“ и „Апекс“ како претставници на реномирани компании од ЕУ бараат ист третман како и другите странски инвеститори
Групацијата „Новоматик Македонија“ и „Апекс Македонија“ изразува подготвеност со свои правни експерти активно да се вклучи во изготвување на нови законски измени, кои би се правеле во една транспарентна постапка во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни.
Потегот на Министерството за финансии да го стави Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за игри на среќа на ЕНЕР, без да ги консултира асоцијациите на автомат клубовите и обложувалниците, ја разбрануваа јавноста. Нивните претставници остро реагираат на предложената одредба за дислоцирање на нивните објекти на 500 метри од основните и средните училишта, по таканаречен безбеден пат. Сметаат дека со ваквото законско решение, ќе се стави клуч на целата индустрија. Тврдат дека актуелната, важечка регулатива во Северна Македонија е најстрога во регионот и воедно ги обезбедува сите заштитни механизми за малолетниците и тоа жестоко го аргументираат.
Горан Стоименов како претставник на Групацијата „Новоматик Македонија“ (казино „Фламинго“ хотел Гевгелија и Скопје, Адмирал, Астра казино) и „Апекс Македонија“ смета дека е недозволиво една ваква економска гранка која придонесува во националниот Буџет со околу 280 милиони евра годишно и која вработува меѓу 7500 и 10 000 луѓе, да не биде консултирана за законските измени на законот за игри на среќа. Не постои компаративна пракса во ниту една европска земја за игнорирање на една ваква економска гранка при креирање на законски решенија за нивна регулација. Едноставно тоа е правно-етички „нон-сенс“.
– Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54 000 до 100 000 работни места во земјата и бараме да бидеме третирани од државата во која инвестираме со години, на ист начин како и другите странски инвеститори. За жал, веќе подолг период индустријата игри на среќа е цел на перманентна црна кампања преку која за обложувалниците и автомат клубовите се прави слика во јавноста дека се дувла на криминал, во кои наводно влегуваш здрав, а излегуваш болен од зависност од коцкање. Уште пострашно е што свесно и со умисла се креира амбиент дека нашите објекти се ризични по нашата младина, што е целосна невистина. Не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100% и неселективно ги спроведуваме законските норми. Еве на пример, доволно е да се направи увид колку професионално се спроведуваат безбедносните протоколи за заштита од ширењето на ковид-19 во автомат клубовите. Во нашите објекти се спроведуваат сите највисоки ЕУ и светски стандарди. Дури, во автомат клубовите имаме дежурен психолог кој стои на располагање на секој играч кој евентуално ќе почуствува зависност од игрите на среќа, веднаш да го контактира за стручна помош – вели Стоименов.
Оваа групација е уверена дека споредбите на Северна Македонија со Лас Вегас, дека обложувалници и автомат клубови има на секој чекор, дека токму заради тоа се загрозуваат малолетниците и се труе младината, се перфидно насочени напади и критики, така за да се создаде перцепција дека оваа индустрија е најголемо општествено зло. Според нив, носител на оваа негативна кампања е неформалното здружение „Антикоцкање“ од Тетово, кое бара целосна забрана на оваа дејност и во континуитет врши притисок врз политичките партии да ги подржат нивните ставови. Сметаат дека наближувањето на локалните избори влијае врз динамиката за измените во законот за организирање игри на среќа.
Евентуалното прифаќање на концепт за дислокација на објектите, ќе предизвика сериозни правни импликации за Владата на Република Северна Македонија. Повеќето фирми имаат постоечки лиценци, кои се издадени врз основа на важечкиот Закон, а чиј рок истекува во наредните 3-5 години. Во секој автомат клуб има сериозни инвестиции, направени по највисоки светски и ЕУ стандарди, фирмите имаат постоечки повеќе годишни договори за закуп на објектите, кои се правени врз основа на одредена правна и финансиска извесност, согласно постоечката регулатива. Од она што може да се забележи од предложените измени кои се ставени на ЕНЕР е дека законот содржи неколку спорни одредби кои се дискриминаторски, противуставни и со ретроактивно дејство на веќе завршена правно-финансиска работа. Конкретно, предвидениот рок од 1 година за дислоцирање на деловните објекти кои се на помала дистанца од 500 метри од основни и средни училишта, не можат и не смеат да се однесуваат за лиценци кои имаат важност повеќе години и се издадени согласно сега важечката регулатива. Не може со нови одредби да се суспендира важноста на лиценците кои се издадени согласно актуелниот закон. Паралелно, министерството за финансии, во преодните и завршни одредби од предложените законски измени, предвидела дополнителни финансиски оптоварувања на годишна основа за секој објект поединечно, за компаниите кои веќе имаат важечки лиценци и во моментов имаат отворени повеќе од 3 деловни објекти, кои функционираат согласно актуелниот Закон за игри на среќа. Значи, Министерството за финансии предвидела двојно плаќање за веќе завршена работа. Доколку Владата инсистира на ваквото решение неминовно ќе се соочи со тужби за надомест на штети, кои ќе предизвикаат тешки финансиски импликации по Буџетот на РСМ.
Групацијата „Новоматик Македонија“ и „Апекс Македонија“ изразува подготвеност со свои правни експерти активно да се вклучи во изготвување на нови законски измени, кои би се правеле во една транспарентна постапка во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни. Аргументирано тврдат дека постојат повеќе опции за државата да ги заштити постоечките буџетски приливи, а заштитата на малолетниците да биде уште повеќе зајакната. Доволно е само пратениците да ги консултираат и решенијата ќе излезат на виделина.