ГОТОВ УШТЕ ЕДЕН ДЕЛ ОД АВТОПАТОТ ОХРИД-КИЧЕВО Клучката Требеништа се пушта во сообраќај
По засилена динамика на изградба, од утре во функција нова клучка на автопатот Охрид–Кичево, како дел од проектот за подобрување на инфраструктурата.
Клучката Требеништа од автопатот Охрид–Кичево од утре ќе биде пуштена во употреба, со што се заокружува уште еден важен сегмент од еден од најголемите инфраструктурни проекти во земјата, најави Александар Николоски.
По увидот на терен доцна вечерва, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, Николоски истакна дека работите на автопатот се одвиваат со засилено темпо, користејќи ги поволните временски услови.
– На автопатот Охрид–Кичево се работи и доцна навечер, што ја потврдува нашата решителност да го завршиме проектот во предвидениот рок. Од утре во сообраќај се става клучката Требеништа, со што се завршува уште еден дел од автопатот – изјави Николоски.
Тој нагласи дека паралелно се работи и на споредните патишта, со цел да се обезбеди поврзаност за сите населени места во регионот.
– Интензивно работиме и на патиштата кои претходно не биле предвидени, за ниту едно населено место да не остане изолирано. Ова е доказ за континуитет и одговорност во реализацијата на капиталните проекти – додаде Николоски.
Автопатот Охрид–Кичево е еден од клучните инфраструктурни проекти, кој треба да го подобри сообраќајното поврзување и економскиот развој на западниот дел од државата.