ГОСТИВАРЦИ СÈ УШТЕ ЧЕКААТ ЧИСТА ВОДА Клековски чека три добри анализи за да падне забраната за пиење
Новите анализи на водата од гостиварскиот водовод продолжуваат и во наредните денови, а забраната за пиење ќе биде укината дури по три последователни исправни резултати.
Анализите на водата од градскиот водовод во Гостивар продолжуваат и во текот на викендот, а надлежните сè уште не можат да кажат кога граѓаните ќе можат повторно да ја користат водата за пиење.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска во Штип изјави дека секојдневно се земаат примероци од повеќе кориснички места и дека водоводот ќе биде пуштен за пиење дури откако ќе бидат добиени три последователни исправни анализи.
– Се следат пробите, тие ќе продолжат и во текот на викендот. Секој ден од најмалку девет кориснички места се земаат примероци. Во моментот кога три едно по друго ќе бидат соодветни за пиење, ќе биде ставен во употреба водоводот – изјави Клековски.
Тој посочи дека водата во моментов може да се користи за други намени, но не и за пиење и подготовка на свежа храна.
– Тоа е делот кој е разјаснет. Не можеме да шпекулираме. Треба три теста на кориснички места да бидат соодветни за да може Агенцијата за храна и ветеринарство да ја повлече забраната за употреба на вода за пиење – рече министерот.
Клековски нагласи дека не е благодарно да се прогнозира кога ќе бидат исполнети условите за укинување на забраната, бидејќи е можно еден од анализираните примероци да не биде исправен, по што процесот повторно би морал да започне.
– Може да има еден тест кој не е соодветен и повторно треба три нови теста, три нови дена. Навистина е неблагодарно да предвидам што и како ќе биде. Кога ќе биде, ќе биде соопштено – додаде Клековски.
Забраната за користење на водата за пиење во Гостивар беше воведена по добиените резултати од анализите кои покажаа дека водата од градскиот водовод не ги исполнува условите за безбедна употреба.