ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ПО ПУКАЊАТА ВО ТУРЦИЈА Приведени 83 лица, блокирани 940 профили и затвори 93 групи

Властите презедоа мерки по пукањата во две училишта, во кои загинаа девет лица, а десетици беа повредени.

88

Турската полиција приведе 83 лица, блокираше 940 профили на социјалните мрежи и затвори 93 групи на апликацијата Telegram поради објави што, според властите, го величаат криминалот и негативно влијаат врз општеството.

Мерките се преземени по пукањата во училиштата во Кахраманмараш и Шанлиурфа, соопшти полицијата на својата официјална страница на Facebook.

Девет лица загинаа, а 13 беа повредени откако 14-годишен ученик отворил оган во училиште во Кахраманмараш. Ден претходно, 19-годишен поранешен ученик пукал во училиште во Шанлиурфа, при што ранил 16 лица. Двајцата напаѓачи подоцна биле пронајдени мртви.

Во соопштението се наведува дека приведените лица споделувале содржини што го фалеле злосторството и сторителите, а властите презеле правни мерки против нив.

Дополнително, блокирани се 66 интернет-адреси поврзани со провокативна содржина за нападите, објави турската државна телевизија TRT Haber. Дел од содржината била дистрибуирана преку Телеграм, каде што била затворена и група со над 100.000 членови.

Полицијата соопшти дека засега нема докази дека пукањето во Кахраманмараш е поврзано со тероризам. Првичните проверки покажале дека 14-годишниот напаѓач користел фотографија поврзана со Елиот Роџер, кој изврши масовен напад во САД во 2014 година.

Дигиталните материјали од домот на осомничениот и возилото на неговиот татко се одземени и се анализираат, а снимките од безбедносните камери дополнително се проверуваат.

Властите најавија состанок за зајакнување на безбедноста во училиштата, на кој ќе присуствуваат министерот за внатрешни работи Мустафа Чифчи и министерот за образование Јусуф Текин, како и гувернери и образовни претставници.

Поврзани содржини