ПОЧИНА ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ НА „ДИВИ ЈАГОДИ“ Колегите се простуваат од рок-легендата
Во Бихаќ почина Нихад Јусуфхоџиќ, еден од основачите на култниот бенд
Тажна вест ги потресе љубителите на рок-музиката низ регионот – во Бихаќ почина Нихад Јусуфхоџиќ, еден од основачите на легендарниот екс-ју рок-бенд Дивље јагоде.
Веста ги погоди неговите колеги, пријатели и бројните фанови, а за време на неговото лекување во кантоналната болница во Бихаќ, граѓаните покажале голема солидарност – многумина дарувале крв во обид да му помогнат во борбата за живот.
Од Јусуфхоџиќ со трогателна порака се прости и неговиот долгогодишен соработник Анте Тони Јанковиќ.
– Денес ме затекна вест која тешко се прифаќа. Замина мојот пријател Нихад Јусуфхоџиќ, човек со кого не делев само сцена, туку и дел од животот преку Дивље јагоде. Заедно свиревме, се смеевме и минувавме низ сè што музиката и вистинското пријателство можат да донесат. Тие спомени засекогаш ќе останат со мене. Ти благодарам за сè. Почивај во мир, пријателе – напиша тој.
Фронтменот на бендот, Сеад Зеле Липовача, и претходно го опишуваше Јусуфхоџиќ како искрен, верен и голем пријател, со кого се дружел уште од средношколските денови.
Нихад Јусуфхоџиќ важеше за истакнат рок-музичар и претставник на сараевската школа на поп-рокот. На сцената се појавил во раните 1970-ти, а во 1972 година свирел бас-гитара во групата Зенит.
Две години подоцна, настапот на фестивалот Бум фестивал 1974 во Љубљана со песната „Стара куќа е празна“ го означил неговиот пробив на тогашната југословенска рок-сцена.
По периодот во Зенит, заедно со Липовача и Јанковиќ го основал бендот Дивље јагоде – еден од најзначајните рок-состави на поранешна Југославија.
Како прв басист на бендот, учествувал во создавањето на нивните рани изданија, вклучително и првите синглови и дебитантскиот албум од 1978 година.
Меѓу нив се и песни кои денес се дел од рок-наследството на регионот, како „Једина моја“, „Мој дилбере“, „Паткица“ и „Немам ништо против“.
Заминувањето на Нихад Јусуфхоџиќ остава голема празнина на регионалната музичка сцена, но и богато наследство што ќе продолжи да живее преку неговата музика.