ГО ПРОДАЛЕ НОВОРОДЕНЧЕТО ЗА 500 ЕВРА Шестмина осомничени за трговија со дете, откриена шокантна шема
Шест лица од Скопје, Куманово и Тетово се опфатени во кривична пријава за организирано незаконско посвојување новородено бебе, при што, според МВР, бил користен систем на посредување, финансиски надомест и злоупотреба на социјална состојба на мајката.
Шест лица се опфатени во кривична пријава за организирање и реализирање на незаконско посвојување на новородено дете, откако Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР открила шема во која бебе било предадено надвор од законска процедура, за паричен надомест и други бенефиции.
Во случајот се опфатени Ф.А. (63) од Скопје, Ѓ.К. (57) од Скопје, И.Ш. (35) од Скопје, Џ.Ш. (35) од Скопје, како и С.Ј. (35) од Куманово и И.А. (38) од Тетово.
Според истрагата, во текот на 2024 и 2025 година, првоосомничените Ф.А. (63) и Ѓ.К. (57) ја организирале шемата за незаконско посвојување, искористувајќи социјално ранливи семејства и заобиколувајќи ја законската процедура.
Ф.А. (63), која била згрижувач на деца, воспоставувала контакти со заинтересирани лица, додека Ѓ.К. (57) посредувала во наоѓање биолошки родители кои се наоѓале во тешка материјална и социјална состојба, со цел да се изведе предавање на новороденчиња надвор од институционална постапка.
Како што утврдуваат органите на прогонот, во конкретниот случај била вклучена и С.Ј. (35) од Куманово, која живеела во вонбрачна заедница со И.А. (38) од Тетово. Тие, според пријавата, биле убедени да го предадат своето новородено бебе во замена за 500 евра и бесплатни гинеколошки услуги.
По отпуст од болница, мајката и бебето биле преземени од Ф.А. (63) и однесени во домот на посредниците, каде подоцна пристигнале И.Ш. (35) и Џ.Ш. (35), кои се појавиле во улога на „посвоители“ и го презеле бебето.
Истата вечер, на 17.10.2025 година, бил склучен и договор за заем од 500 евра помеѓу Џ.Ш. (35) како заемодавач и И.А. (38) како заемопримач, средства кои веднаш биле исплатени и, според истрагата, претставувале надомест за незаконското предавање на детето.
Од страна на судија на претходна постапка на сите шест осомничени им е определена мерка домашен притвор, додека истрагата за целосно расчистување на случајот продолжува.