ГАЗДА ДЕКО ПРЕД НОВ ПРИТВОР, ОТВОРЕНА НОВА ИСТРАГА Обвинителството бара да остане зад решетки и по 3 октомври

Новиот предмет го води ОЈО ГОКК, но засега нема официјални детали за кривичното дело за кое е отворена истрагата ниту дали се опфатени и други лица.

30

Нова истрага е отворена против Дејан Јованов-Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ и првообвинет во судскиот предмет за пожарот во Кочани, дознаваат повеќе медиуми. Во рамки на новиот предмет, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бара повторно да му биде определен притвор.

Информацијата за новата истрага доаѓа само два дена пред истекот на едногодишниот притвор на Јованов во предметот за пожарот во „Пулс“. Неговиот притвор во тој предмет истекува на 3 октомври, по што веќе нема законска можност тој да биде продолжен по истата основа.






Основниот кривичен суд Скопје претходно соопшти дека доцна попладнево од Обвинителството добил предлог за определување нови мерки за обезбедување присуство на Јованов. Судот најави дека по предлогот ќе се произнесе во текот на утрешниот ден.

Според досегашните објавени информации, новиот предмет го води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Засега нема официјално објавени детали за кривичното дело за кое е отворена истрагата, ниту дали во неа се опфатени и други лица.

Јованов веќе се наоѓа во притвор поради предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Судењето за трагедијата е во тек и се наоѓа во доказна постапка. Обвинителството ги заврши своите докази, а одбраната започна со изведување на своите докази и предложи 244 сведоци.

Одбраната на Јованов претходно најави дека ќе понуди недвижен имот како гаранција за определување мерки на претпазливост по истекот на притворот.

Со новата истрага, доколку Судот го прифати предлогот на Обвинителството за притвор во новиот предмет, Јованов би можел да остане во притвор и по истекот на мерката определена во предметот за пожарот во „Пулс“.

Поврзани содржини