ФОНДОТ ЗА ПЕНЗИСКО, ЕМ НЕ РАБОТЕЛ ЗАКОНСКИ ЕМ НЕМАЛ ДОВОЛНО ПАРИ!? Ревизорски извештај открива многу слабости и незаконитости во минатото работење на ПИОМ
Во 2024 година трансферите од Буџетот учествувале со 36,71 проценти во вкупните приходи на ПИОМ, што претставува зголемување од 4,14 процентни поени во однос на 2023 година, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.
Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во 2024 година открива сериозни финансиски и административни слабости, а ревизорите дале неповолно мислење и за финансиските извештаи и за законитоста на работењето.
Државниот завод за ревизија во извештајот објавен денеска констатира дека и покрај растот на приходите од придонеси, пензискиот систем и натаму не може самостојно да ги покрива расходите за исплата на пензии и останува силно зависен од трансфери од државниот буџет. Ревизорите изразиле неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) за 2024 година, како и за усогласеноста на неговото работење со законските прописи.
Според ревизорскиот извештај, приходите од придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во 2024 година пораснале за 14 проценти во однос на претходната година и достигнале 71,4 милијарди денари. Сепак, тие не биле доволни за покривање на расходите за пензии, кои изнесувале над 90,2 милијарди денари и продолжуваат да растат од година во година.
Поради овој јаз меѓу приходите и расходите, Фондот и понатаму се потпира на средства од државниот буџет. Во 2024 година трансферите од Буџетот учествувале со 36,71 проценти во вкупните приходи на ПИОМ, што претставува зголемување од 4,14 процентни поени во однос на 2023 година. Ревизорите оценуваат дека ова покажува оти пензискиот систем останува структурно зависен од буџетска поддршка.
Извештајот укажува и на влошување на односот меѓу бројот на осигуреници и бројот на пензионери. На крајот на 2024 година во државата имало 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, што значи дека на еден пензионер доаѓале само 1,63 осигуреници. Една година претходно овој однос бил 1 спрема 1,70, што укажува на дополнителен притисок врз одржливоста на пензискиот систем.
Меѓу позначајните забелешки е и доцнењето на уплатите кон вториот пензиски столб. Иако Фондот навремено ги пресметува и доставува обврските, средствата не се префрлаат навреме кон приватните пензиски друштва. Во текот на 2024 година просечното доцнење било околу два месеца, а заклучно со 27 февруари 2026 година бил евидентиран долг од речиси 2,6 милијарди денари по основ на нераспределени придонеси.
Ревизорите констатирале уште посериозен проблем во однос на здравственото осигурување на пензионерите. Според извештајот, ПИОМ не ги уплаќал навреме придонесите кон Фондот за здравствено осигурување, иако има законска обврска за тоа. Во текот на 2024 и 2025 година исплатите доцнеле по неколку месеци, а до крајот на февруари годинава доцнењето достигнало осум месеци. Неподмирените обврски за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесуваат 8,4 милијарди денари, односно околу 136,4 милиони евра.
Во извештајот се наведува дека ваквата состојба им овозможува на пензионерите непречено да користат здравствени услуги, но истовремено негативно влијае врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување.
Покрај финансиските проблеми, ревизорите укажуваат и на хроничен недостиг од стручен кадар во ПИОМ. Недостигаат вработени во клучните сектори, подрачните единици, информатичките служби и внатрешната ревизија, што, според извештајот, директно се одразува врз квалитетот на работењето на институцијата.
Ревизијата открила и низа административни и сметководствени слабости. Меѓу нив се неевидентиран движен и недвижен имот стекнат преку стечајни постапки, нецелосен попис на земјиште, побарувања за кои не е утврден правниот основ и застареноста, недоволна евиденција за дел од приходите од акцизи, слабости при издавање деловен простор под закуп, како и пропусти во јавните набавки и во управувањето со домовите за сместување на пензионери. Ревизорите забележуваат и дека на сметката за уплата и распределба на придонеси на крајот на секоја година остануваат неискористени парични средства кои не се насочуваат за исплата на пензии.
Во делот на останатите прашања, Државниот завод за ревизија посочува и на неусогласеност меѓу Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за административни службеници во начинот на пресметка на платите на вработените. За надминување на утврдените состојби, ревизорите дале препораки по кои надлежните институции имаат обврска да постапат.
Целиот извештај може да го прочитате на следниот ЛИНК.