Филипче: Вирусот се пренесува и преку асфалт и преку обувки

Амбасадорот на Кина ја понудил нивната помош за размена на искуства меѓу нивните експерти и нашите епидемиолози, па може да добиеме уште 200 машини од Кина.

1,062





– Во Дебар и околината тоа е можно. Имаме вирус кај кој нема правила, сѐ уште има непознати. Излезе дека се пренесува не само преку воздухот, туку и со валкани раце, повеќе денови останува на површините, дури и на асфалтот. Во Италија пронашле и на обувките, контролните брисови тоа го покажале. Се смета дека е безбедна дистанца метар ипол до два – рече министерот Филипче денеска на Утрински брифинг на „Слободна ТВ“.

Статистиката покажува дека во земјава од 18 пациенти, 10 се луѓе од 55-годишна возраст.

– Младите се пренесувачи. Најкритична група се повозрасните, особено оние со хронични болести, смртноста е најголема кај нив. Тоа го покажаа Кина и Италија. Но, никој не е поштеден, сега имаме заразено момче и на возраст од 15 години. Добар дел од ширењето е од младите луѓе – рече министерот.

Тој најави дека оваа недела завршува постапката за набавка на респиратори и стигнуваат уште 50, а има шанса да обезбедиме уште 50 за една недела до 10 дена.

Амбасадорот на Кина ја понудил нивната помош за размена на искуства меѓу нивните експерти и нашите епидемиолози, па може да добиеме уште 200 машини од Кина.

– Не станува збор само за машини, мораме да ги спремиме и луѓето, бидејќи не секој знае да ракува со нив. Тоа што веќе се направи е распоред на докторите анестезиолози, кои знаат да ракуваат со овие машини. Ќе ротираат во места кои претходно ги одредивме каде ќе се третираат пациенти со цел да спласне притисокот и да се штеди кадарот. Ако во некоја институција се најде заразен целиот персонал оди во изолација. Од денес се редуцирани оперативните интервенции за да се штеди кадарот и крвта, редуцирани се и крводарителските акции. Нема да има интервенции кои може да се одложат. Нема повеќе утрински стручни состаноци, со цел да се редуцира физичкиот контакт, телефонски ќе се зборува. Еден доктор може да биде одговорен за повеќе пациенти. Тоа што почнува да се прави е тренинг на медицински сестри кои треба да работат на интензивна нега. Тие што беа примени изминатите две години, ставени се во функција да работат на обични одделениија, а на поискусните им треба мала едукација за интензивните одделенија – истакна министерот.

Поврзани содржини