ФИЛИПЧЕ ПОКАЖА НЕДОВОЛНО ПОЗНАВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНАТА ПОЛИТИКА Мицкоски и МНР експресно одговорија на критиките од лидерот на СДСМ
Како што и самиот господин Филипче потенцираше, а за тоа говорат и досегашните активности и одлуки, токму честите посети на највисоко и високо политичко ниво во САД се потврда за нашата цврста заложба за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД, реагираше МНР.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) реагира на, како што се наведува во соопштението, „јавните напади на претседателот на СДСМ Венко Филипче изнесени на денешната прес конференција, во текот на која изнесе низа навреди и произведе неодговорни и произволни заклучоци, со кои во основа покажа недоволно познавање на меѓународната политика и целосно ги запостави суштинските елементи кои го сочинуваат комплексниот процес при носење на одлуки од стратешко и глобално политичко значење“.
Очигледно, се посочува во соопштението, за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија.
„Во наведениот контекст уште еднаш повторуваме дека неодамнешните одлуки во врска со гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители и во координација со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Уште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери“, се појаснува во соопштението од МНРиНТ.
Со нашето гласање, се додава, ја реафирмиравме цврстата поддршка за Украина и изразивме силна почит, солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за обезбедување траен мир и целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.
Дополнително, соопштија од Министерството, овие одлуки се потврда за конзистентната меѓународна политика на државата, и нашиот стремеж да бидеме активен, конструктивен и кредибилен партнер во процесите на изнаоѓање решенија за актуелните геополитички предизвици, а не пасивен набљудувач без јасен став, како што беше случај за време на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
„Воедно, како што и самиот господин Филипче потенцираше, а за тоа говорат и досегашните активности и одлуки, токму честите посети на највисоко и високо политичко ниво во САД се потврда за нашата цврста заложба за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД. Таквите засилени дипломатски активности дополнително ја потврдуваат и нашата понатамошна посветеност во правец на целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и силната приврзаност кон процесот на европска интеграција – кој останува еден од највисоките надворешно-политички приоритети на државата“, се вели во реакцијата од МНРиНТ.
Реакција пристигна и од премиерот Христијан Мицкоски, кој потсети на обвинувањата од опозицијата дека се анти-НАТО и анти-Америка, односно оти се проруски, а според Мицкоски, сега им пречи што имаат исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.
– И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција, бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласа против, што значи ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор се јавува нашата македонска Влада, односно нашиот претставник во Обединетите нации – рече Мицкоски.
Во меѓувреме, појасни дека кога требало резолуцијата да се гласа во Генералното собрание биле поднеснеи неколку амандмани, најголемиот дел биле одбиени, а еден прифатен и тогаш предлагачот САД, го искористил правото и гласал воздржано. Македонската Влада, нагласи, била во целосна координација со САД и тие гласале воздржано.
– Јас жалам што политиката од оптика на топлите и песочни плажи и политиката од оптика овдека во Македонија не е иста, па можеби некој од опозициските лидери се уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие очила и со таа оптика. За жал сеуште не разбудени од сонот дека се во опозиција и уште долго време ќе бидат опозиција, а граѓаните веруваат и имаат доверба на Владата, која што ја предводи коалицијата „Твоја Македонија“ односно ВМРО-ДПМНЕ и политичлките партии кои се дел од оваа Влада, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ. Се додека не ја променат оптиката и се додека гледаат од оптика која е својствена за песочните плажи на некои егзотични места, а не на реалноста која ја оставија во Македонија уште долго време ќе бидат во опозиција – изјави Мицкоски.