📷 НАД 100.000 ЕВРА И ЛЕКОВИ ЗАПЛЕНЕТИ ВО ГОЛЕМА АКЦИЈА Криминална група криумчарела цигари, тутун и суплементи
Во претреси во Скопје, Тетово и Гевгелија биле пронајдени повеќе од 100.000 евра, цигари и тутун без акцизни маркички, лекови, суплементи и мобилни телефони.
Криминална група која, според истрагата, се занимавала со криумчарење акцизна стока, нелегално внесување лекови и суплементи и коруптивни кривични дела е разбиена во полициска акција во Скопје, Тетово и во Гевгелија.
Во акцијата, спроведена на 21 септември под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, биле приведени шест лица, а при претресите биле пронајдени и одземени повеќе од 100.000 евра, 16 плочки во златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, мобилни телефони и други предмети.
Полицијата, според истрагата, утврдила дека групата функционирала во периодот од 2024 до 2026 година. Како организатор е посочен 52-годишниот М.С. од Тетово, кој, според сомненијата, организирал нелегално внесување и складирање цигари и тутун, по што стоката била препродавана.
Според истрагата, во шемата бил вклучен и царинскиот службеник З.С. од Гевгелија. Полицијата се сомнева дека преку давање поткуп тој им овозможувал на членовите на групата да ја пренесуваат акцизната стока преку царинската линија без да ја пријават и без да ги платат давачките.
На истиот начин, според сомненијата, во земјава биле внесувани и лекови и суплементи кои потоа биле наменети за продажба.
Со ваквото работење, според истрагата, бил избегнат значителен износ на царина, акциза и данок на додадена вредност, со што била предизвикана материјална штета на државниот буџет.
Дополнително, дел од лековите и другите производи, според наводите во истрагата, биле пуштани во продажба без потребните одобренија, упатства и рецепти, со што била создадена опасност по здравјето на луѓето.
За случајот е поднесена кривична пријава против осум лица: М.С. (52) од Тетово, З.С. (42) од Гевгелија, А.С. (38) од Скопје, Б.Љ. (46) од Тетово, Е.А. (55) од Скопје, Д.Џ. (46) од Тетово, Б.А.К. (34) од Турција
и С.С. (42) од Турција.
Тие се осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, прикривање стока што е предмет на криумчарење, избегнување плаќање акциза, примање и давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување, како и перење пари и други приноси од казниво дело.
Во рамки на акцијата биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и во Гевгелија, врз основа на судски наредби.
Истрагата продолжува, а за сите пријавени лица важи презумпцијата на невиност до правосилна судска одлука.