ФИЛИПЧЕ Е СПРЕМЕН ЗА ИЗБОРИ, АМА НЕ ГИ БАРА Му се гледа стравот од изборен дебакл, му одговори ВМРО-ДПМНЕ
За да купат уште некој ден повеќе на партиските позиции, СДСМ е единствената опозициска партија во историјата на независна Македонија, која не бара избори, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче се врати од одмор на милионската јахта во Паљури со неговиот ментор, Зоран Заев и во Скопје, како по договор, неговиот, на Заев и на Али Ахмети аргат – Ислам Абази го затвори предметот за 19 модуларни болници набавени за време на ковид кризата, од кои во тетовската избувна пожар што за две минути ја проголта цела со 14 македонски граѓани, соопшти вечерва ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на ставовите што ги искажа Филипче.
„Но, Филипче да не се грижи, тоа што нивниот слуга во правосудството го спаси од кривичен прогон, по долгите години во кои обвинителките од криминалното СЈО го чуваа предметот во фиока, не значи дека предметот понатаму не може повторно да се отвори“, се вели во реакцијата.
Правда и одговорност за 14 живи изгорени граѓани на 8 септември во Тетово, мора да има, кога тогаш, додаде ВМРО-ДПМНЕ.
„Како што треба да има и за 400 извештаи за неисправна вода за пиење во Гостивар и во други населени места во државата, кога Венко беше министер за здравство, а не презема никакви мерки, ниту ги предупреди и информираше граѓаните да не ја користат. А, воедно, Филипче уште ја штити локалната власт и градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани за кој јавно побара масовна поддршка на последните локални избори, за да СДСМ биде дел од власта“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче може да зборува колку сака за економија, се додава во соопштението, но бројките се немилосрдни и му ги побиваат сите тези, затоа што и платите и пензиите и економијата, споредено со периодот на власт на СДСМ, растат повеќе и народот подобро живее.
„Во однос на можноста да се одржат евентуални избори, се гледа целата несигурност и страв кај СДСМ и Венко Филипче. Зашто знаат дека на следните избори, независно кога ќе се одржат, не само што ќе доживеат уште еден изборен дебакл и повторно ќе бидат испратени во длабока опозиција, туку тие избори ќе бидат нивниот билет за на темната страна на историјата. И токму затоа, за да купат уште некој ден повеќе на партиските позиции, се единствената опозициска партија во историјата на независна Македонија, која не бара избори“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ Венко Фулипче во гостување на Сител рече дека власта треба да преземе одговорност за водата во Гостивар и побара од надлежните институции транспарентно да ги презентираат резултатите од испитувањата на водата.
За можноста за предвремени парламентарни избори рече дека се подготвени за избори во секој момент и повторно најави дека во септември ќе го објават „мастер-план за Македонија со пет до шест точки“.
– Единствен што бега сега во овој момент од избори и што е вистински исплашен од изборите е Христијан Мицкоски. Прво, затоа што му паѓа рејтингот, затоа што не испорачува резултати никаде – рече Филипче.
Во врска со одлуката на Јавното обвинителство за затворање на предметот за модуларните болници рече дека тоа е потврда дека немало никакво прекршување на службената должност ниту штета врз државниот буџет, со што, според него, паднала во вода повеќегодишната политичка кампања водена против него.