ИСТОРИСКО УЧЕСТВО НА МАКЕДОНИЈА НА МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ Рекордни 88 спортисти, првпат со поддршка од претседател на државата

Македонија во Таранто пристигна со најбројната делегација досега, 130 членови и рекордни 88 спортисти, а првпат на Игрите присуствува и претседател на државата.

26

Македонија го почнува своето најмасовно учество досега на Медитеранските игри. Во Таранто пристигна рекордна делегација од 130 членови, меѓу кои 88 спортисти.

Историски момент има и надвор од спортските терени. Претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова е во Таранто за да им даде поддршка на македонските претставници.






Ова е првпат претседател на државата да присуствува на Медитеранските игри откако Македонија настапува на оваа спортска манифестација.

Силјановска-Давкова денеска ги посети македонските спортисти во Олимпиското село. Таа се запознала со членовите на делегацијата и им посакала успешни настапи.

Претседателката ќе престојува два дена во Таранто. Вечерва ќе присуствува и на свеченото отворање на Медитеранските игри, кои се одржуваат 20 пат по ред.

Македонските спортисти, сепак, веќе ја почнале својата натпреварувачка програма. Женската одбојкарска репрезентација вчера го одигра првиот натпревар против Турција.

Македонија ќе има претставници во 19 од вкупно 33 спортови. Ќе настапат во атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење.

Земјата ќе ја претставуваат и женските репрезентации во ракомет и во одбојка. Ќе настапат и машкиот тим во баскет 3×3 и фудбалската репрезентација до 21 година.

Таранто е четвртиот настап на Македонија на Медитеранските игри како независна држава. Претходните учества биле во Мерсин во 2013, Тарагона во 2018 и во Оран во 2022 година.

Македонските спортисти досега освоиле вкупно 14 медали на Медитеранските игри.

Игрите „Таранто 2026“ ќе траат до 3 септември.

Поврзани содржини